22 апликации за времени пожарникари стигнале до Трудот во Битола, а на ниво на држава вкупно 497, информираа денеска од информативниот центар на Агенцијата за вработување. До вчера траеше огласот што Агенцијата и владата го објавија во одговор на алармантната состојба со пожарите во државата.

Според овој оглас сите невработени лица кои активно бараат работа можеа да станат дел од пожарникарните служби во државата, вклучително и Битола, најпрвин со работно ангажирање од 5 месеци, со плата од 24 илјади денари и осигурување од инвалидност. Таков беше огласот кој еднаш доживеа свое продолжување. Единствените задолжителни критериуми за конкуренција беа општа здравствена состојба без кардиоваскуларни или хронични заболувања и за лица кои се на возраст до 55 години.
Агенцијата и владата го реализираа врз основа на Оперативниот план за вработување со кој низ различни мерки државата го подобрува економскиот статус на лицата кои бараат работа, а за кој вкупно се издвоени преку 1 милијарда 445 милиони денари.
Според поставеноста на пожарникарната служба кај нас така беше поставен и огласот – пожарникарите кои ќе бидат ангажирани се од редот на невработени не сеамо од Битола туку и од соседните општини – Могила и Новаци. Дали физички напорната или ризична работа или пак финансискиот надоместок се причината за малиот број заинтересирани. Според огласот сите кои и ги исполниле условите би биле упатени на посебна обука.
Генералната состојба на противпожарните служби не е задоволувачка, ниту е по закон. Имено, според измените на Законот за пожарникарство, општините мора да го имаат минималниот број на професионални пожарникари. Ако во општината има 10.000 жители – најмалку 9 професионални пожарникари. Ако има над 24 илјади жители – тогаш општините, кои се главните финансиери на работата на пожарникарите треба да имаат по 1 професионален пожарникар на 1.500 жители. Грубата пресметка кај нас вели дека во Битола-Могила-Новаци , територијалната против-пожарна единица треба да има околу 80тина професионални пожарникари кои ги плаќаат сите општини.

Во Битола, којашто е седиште на противпожарна единица којашто ги покрива и општините Могила и Новаци има 33 професионални пожарникари кои се вработени со полно работно време и четворица кои се ангажирани со договор. Нивните плати се движат од 42.000 до 47.000 денари, што е 20% повеќе од другите општински јавни службеници, затоа што законот за пожарникарство вели дека платите на пожарникарите се обезбедуваат од Буџетот на РМ, од Буџетите на општите, 12 % од наплатените премии за осигурување на имот од пожар и 2% од наплатените премии за осигурување на моторните возила – каско и одговорност – пари кои одат во буџетот на општините и тие на месечно ниво ги исплаќаат кај противпожарните единици. Противпожарните служби во државата се финансираат и од секој прекршок од областа на заштита од пожари и експлозии.
Но не е само платата, пожарникарите имаат и бенефициран стаж – според законите, 3 месеци за една година или една работна година им се пресметува како 15 месеци.
Денеска од Агенцијата немаме друга информација во однос на овој оглас, посочуваат на други мерки од Оперативниот план. Но, важно е да се знае дека „Бројот на евидентирани невработени во центарот за вработување во Битоола е 3.733, на ниво на држава е 97.157 лица “.












