Активностите во рамките на Француската културна есен продолжуваат во Битола, па така во Офицерскиот дом беше презентирана изложбата „Париски рефлексии“, а во организација на Францускиот Институт во соработка со Националната галерија, француската амбасада, а во локално партнерство со КИЦ Битола, Француската алијанса и Францускиот почесен конзулат.
Изложбата е составена од 40 уметнички дела преку кои публиката може да посведочи за непресушното влијане на градот на светлината врз творештвото на најреномираните македонски сликари.

Избраните дела на големите мајстори и основачи на македонското современо сликарство скоро два месеци ќе бидат изложени за да може битолската публика, а особено младите да го откријат ова, често непознато, богато културно наследство.
За изложбата зборуваше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а ја отвори францускиот Амбасадор Сирил Бомгартнер.

Во попладневните часови, во старата Битолска чаршија беше претставен проектот Сигналитика – како резултат на соработката помеѓу Општината Битола и Француската Национална асоцијација Забележителни Места и градови односно градови на уметноста и историјата и градови со заштитени јадра. Станува збор за соработка што трае скоро 20 години и досега резултираше со два проекти Сигналитика и Инвентаризација на старата битолска чаршија.
Изложбата Париски рефлексии ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.
Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6та и 7та деценија на 20 век. Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија.
На изложбата во рамките на француската културна есен му претходеа повеќе активности: Школа за краток филм, танцови изведби, преку проектот „Среќна претстава “ /Паралелни стапки, кој беше сублимат на наученото во рамките на проектот Учиме и создаваме поинаку. Станува збор за регионален проект поддржан од Министерството за надворешни работи којшто нуди иновативен пристап кон изучувањето на францускиот јазик на забавен и креативен начин, како и модернизација на сликата за Франција меѓу младите луѓе.












