Градоначалникот Коњановски ги штити членовите на Управните и Надзорните одбори на потонатите јавни претпријатија, наместо интересот на граѓаните на Битола, рече на денешната прес конференција Петар Николовски, советник од СДСМ.
„Во текот на вчерашниот ден, до нас како советници, беше доставено Известување од страна на градоначалникот во кое Коњановски пишува дека нема да ги објави донесените Решенија за разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија. Коњановски има обврска согласно Законот за локалната самоуправа, Статутот на Општина Битола и Деловникот за работа на Советот на Општина Битола, но поважно од сите овие акти е да ги заштити партиските другари од одговорност.
Коњановски со самоволието прекршува три правни акти, повикувајќи се невешто на „правни лавиринти” и се обидува уште еднаш да застане во одбрана на членовите на УО и НО на јавните претпријатија кои ги донесоа истите пред банкрот“ рече меѓу другото Николовски.
Тој вели дека градоначалникот заборава дека тој е извршен орган и е законски обврзан да ги извршува актите кои ги донесува советот.
„Понатаму, наведувате дека предложените точки на дневен ред не биле претходно разгледани од Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, но ќе Ве поучиме дека процедурата за донесување на актите од страна на советот единствено е уредена со Деловникот за работа на Советот на Општина Битола. Во него се наведува обврска за претходно разгледување на предлог за донесување на општ акт, но не и за поединечен акт какви што се предложените Решенија за разрешување.
Дополнително, Ве информираме дека согласно новиот Закон за јавните претпријатија, постапката за избор и разрешување на членови не започнува од страна на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања“ рече тој.
Соопшти дека советниците од СДСМ ќе побараат нова, вонредна седница на Советот на општина Битола на која на дневен ред ќе се најдат повторно точките за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори и дека до Основното јавно обвинителство ќе поднесат кривична пријава за злоупотреба на службеното овластување.












