Во Собранието за денеска во 15:00 часот е закажана 104 седница на која ќе се одлучува за Предлогот за реконструкција на Владата што го испрати премиерот Димитар Ковачевски.
Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
Прва точка на дневниот ред е предлогот за разрешување на министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, како и на Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор за дијаспора, тројцата кадри од актуелниот коалициски партнер Алтерантива.
Како следна точка е изборот на предложените нови министри, Кренар Лога, за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за министер за животна средина и просторно планирање.
Синоќа коалицискиот партнер во власта, Алтернатива соопшти дека излегува од владината коалиција и ќе делува како опозиција. Ова на прес конференција го соопшти претседателот на партијата Африм Гаши по состанокот на Централно собрание.












