Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници. Според дејствијата опишани во наредбата постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност, соопшти Јавното обвинителство.
„Kако службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди.
Ценејќи дека се исполнети условите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица“ стои во соопштението на обвинителството.

На попладневната прес конференција министерот за внтарешни работи Панче Тошковски соопштија дека првопријавениот – главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип во времето на извршување на делото и второпријавениот – самостоен инспектор за планирање, резервен состав, превенција и справување со кризна состојба во Одделение за полиција во СВР Штип, на 06.03.2023 до Министерство за економија доставиле известување каде, спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност, констатирале дека кабаре Пулс од Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај и покрај тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре.
Третопријавениот- началник на Одделение за полиција во СВР Штип за време на извршување на делото и четвртопријавениот – началник на СВР Штип, на 06.03.2023 го одобриле и потпишале известувањето до Министерство за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.
Петтопријавениот – документарист во Полициската станица Кочани, на 06.03.2023 изготвил телеграма во која не дал точни и целосни податоци дека во и во близина на кабаре Пулс има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, односно дал податоци само дека против правното лице и против одговорното лице во правното лице се поднесени две барања за поведување прекршочна постапка. Додека, шестопријавениот – заменик командир на Полициската станица Кочани и седмопријавениот – началник на Одделение за внатрешни работи Кочани во времето на извршување на делото, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и во близина на кабарето, ја потпишале телеграмата, со што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за кабаре, соопшти на прес конференција министерот за внатрешни работи.












