Од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион информираат дека во тек се градежните активности од проектот: Искористување на конкурентските потенцијали во Пелагонискиот регион преку зголемување на капиталните инвестиции во инфраструктура, финансиски поддржан од Прогрмата за рамномерен регионален развој за 2021 година на Министерството за локална самоуправа.

Една од целите на проектот, како што велат од таму е да се изврши подобрување на патната инфраструктура која е неопходна за развој на туризмот во Пелагонискиот регион.
„Имено во рамките на овој проект ќе биде извршено асфалтирање на улица во најпознатото мариовско село, Зовиќ, во кое се наоѓа една од најголемите туристички атракции во регионот – филмскиот мост, и ќе биде извршено асфалтирање на патна делница која води од Градешница до познатиот манастир Св. Илија (Брен). Подобрувањето на патната инфрастртуктура во Мариово, пред се, ќе им овозможи подобро искуство на најмалку 10.000 гости од земјата и странство кои годишно го посетуваат Мариово и селото Зовиќ.

Изградбата на оваа инфраструктура ќе овозможи ангажирање во туристичкиот сектор на најмалку 3% од маргинализираните групи на жители на регионот (жители на оддалечени рурални средини) во формалната економија преку нивно платено вклучување во креирањето и испораката на туристички услуги за околу 10.000 туристи годишно“, се вели во информацијата од Центарот за развој на Пелагонискио плански регион.














