Во потпелистерското село Трново, традиционално по повод „Илинден, се одржа 54-та Семакедонска средба.
Настанот го организираа Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски како покровител на Средбата и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во име на Македонската Влада.

Во владината делегација покрај министерот Панче Тошковски присуствуваа и заменик министерот за локална самоуправа Марјан Ристески и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков.


Поздрави до присутните упатија и организаторите – претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

„Бараме безусловно еднострано раскинување на Договорите со Атина и Софија и безусловно еднострано распуштање на комисиите со Грција и Бугарија за ревизија на македонската историја! Бараме Софија и Атина да ги признаат Македонците, македонскиот јазик и државата Македонија! Ја отфрламе француско-бугарската Преговарачка рамка од 30 јуни 2022 година за членство на Македонија во Европската Унија, го отфрламе Протоколот од 17 јули 2022 година за спроведување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година!
Ја потсетуваме Владата на Македонија за обврските од Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската војна и Втората светска војна, донесена на седница на Собранието на Македонија одржана на 27 август 2008 година и бараме за тоа редовно да го информира Собранието на Македонија. Бараме Владата да го обнови составот на Координативното тело за егејското прашање, формирано со владина одлука на 10 февруари и 11 мај 2009 година за враќање на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија.

Остануваме посветени на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција. Остануваме со барањето до Генералното собрание на Обединетите Нации да ја продолжи почнатата, а незавршена расправа од 1948 година, со донесување на Резолуција за децата Македонци бегалци од Граѓанската војна во Грција“ рече претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски.

На присутните им се обрати и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Денес не сме тука за да се потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што нè носи напред. Денес, од Трново, испраќаме порака на самодоверба, дека сме способни, дека сме обединети, дека можеме и дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе, за Македонија“ рече Тошковски.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, им се обрати на присутните, истакнувајќи ја важноста на поврзаноста со иселениците.

„Нема подобро од родниот крај кој ви подава рака за враќање. Заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа во нашиот град“, нагласи Коњановски.
Тој додаде дека општината ќе продолжи да ги негува културните врски и да соработува со иселениците на проекти од заеднички интерес, како и да ја унапредува меѓународната и меѓуграничната соработка со соседните земји.

Во име на ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола се обрати потпретседателот Горан Исков.

„Почитувањето на верата и традицијата, примерот на Илинденците востаници и во овие времиња остануваат најсилното оружје против газењето и уништувањето на нашето национално достоинство. И мојот политички ангажман, како потпретседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Битола и како потпретседател на Здружението на македонците од егејскиот дел на Македонија – Македон не само што се обврска туку и голема чест да Ви се обратам денес од овде на сите вас Македонци кои и по многу години поминати по светот не ја заборавате Македонија, родниот крај и останувате верни почитувачи на традицијата. И покрај се, само со љубов и искрена посветеност и денес мора да ја продолжиме – сите заедно, борбата за развиена, економски силна и достоинствена Македонија. Почитта кон традицијата, историјата, вистинското потпирање на верата – ќе ни помогне заедно со сите граѓани Македонија секојдневно и постојано да напредува, да се развива, но и да го одбрани со чест своето и национално и духовно достоинство. Битола е нашата централна точка – околу која сите сме обединети, заедно со градоначалникот – Тони Коњановски и Владата таа да биде гордост на сите, модерен и развиен град, културен образовен и економски македонски центар“, рече Исков.
Средбата ја благослови Неговото Високопреосвештенство г. Петар Митрополит Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски.

Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма. Од 2014 година и обединувањето на 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба во една и единствена Семакедонска средба, општина Битола, продолжува да биде поддржувач на оваа значајна манифестација, како обележје на Битола и нејзините бројни иселеници.













