Температурите растат во цела Европа, а топлотниот бран се спушта од западна и централна Европа кон Балканот, па во наредниве денови ниту Македонија нема да биде поштедена и се очекува да биде зафатена од голем топлотен бран, невообичаен за овој период од годината, кој ќе донесе температури и до 40 степени.
Од УХМР најавуваат дека Во следните денови ќе преовладува многу топло време со позначителен пораст на температурите. Ќе дува слаб до умерен, а повремено и засилен северозападен ветер. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во средината на седмицата.
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне во северните делови ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. УВ= 9
Температурата во Битола утре ќе се движи од 15 степени минимална температура и ќе достигне до максимален 31 степен, а додека во државата најниска утрото ќе биде во истичниот дел на Македонија со 9 степени и максимални 28 степени.
Во следните три дена пак, според прогнозата на УХМР температурата ќе го достигне 39 степен во четврток. Во среда 38, во петок 36 степени максимална темература
Деновиве Европа, од Медитеранот до Северното Море, ја зафати топлотен бран со температури повисоки од просекот за овој период од годината.
Метеоролозите велат дека топлотниот бран дошол невообичаено рано и дека тоа е знак дека глобалното затоплување продолжува.
Температурите во мај и јуни достигнуваат височини кои претходно беа вообичаени во Европа во топлите денови јули и август.
„Во некои делови на Шпанија и Франција, температурите се за 10 степени над просекот за овој период од годината“, изјави Клер Нулис, портпаролка на Светската метеоролошка организација во Женева.
Во Франција се издадени предупредувања за шумски пожар. Во текот на минатата недела температурата во таа земја надмина 39 степени, а невообичаено топло е и ноќе.
Велика Британија го забележа и најтоплиот ден во годината досега со температури од 32,4 степени Целзиусови.
Во Германија веќе има работа за пожарникари кои деновиве гаснеа неколку шумски пожари во близина на Берлин, а најавено е дека горештините ќе продолжат и во текот на викендот.
Експертите велат дека глобалното затоплување веќе влијае на врнежите и испарувањето, што има особено негативно влијание врз земјоделството, индустријата и дивиот свет.












