Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Пипи долгиот чорап“ од Астрид Линдгрен, во режија на Кристина Димитрова. Драматизацијата на популарниот текст е на Ивана Нелковска. Ова е самостоен проект на театарот „Војдан Чернодрински“, а премиерата се очекува наскоро. Димитрова вели дека како театарски режисер често размислувала кои книги, претстави, серии и филмови и се допаѓале како дете и дека тоа размислување довело до тоа „Пипи долгиот чорап“ да и биде најголемата инспирација.

„Ми се допаѓаше се што беше необично и неконвенционално. Ми се допаѓаа волшебните светови, патувањата во далечните земји и апсурдниот хумор. И бидејќи ми се допаднаа сите овие работи, мојата најголема инспирација е „Пипи долгиот чорап“.Затоа решив да ја поставам на мојата матична сцена, театарот „Војдан Чернодрински“, истакна режисерката.
Во претставата ќе играат Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески и Михајло Миленкоски. Сценографијата ја работи Бојана А. Трпческа во соработка со Петко Ристески, костимите се на Христијан Нашуловски, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски.
„Пипи долгиот чорап“ e светскa детска класика, преведена на околу осумдесет јазици и дијалекти, а авторката Астрид Линдгрен се смета за една од најпознатите писателки на детски книги ширум светот.Кристина Димитрова досега има режирано претстави во Прилеп, Скопје и во чешкиот град Брно.
Нејзините професионални ангажмани почнуваат со претставата „Обѕрни се во гнев“ (2016) на Џон Озборн во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Претставата ги добива наградите: Ристо Шишков – Струмица – Награда за главна машка улога (2016), и награда за колективна актерска игра на фестивалот „Международния фестивал на камернитетеатри на НЕТА – Враца 2018“. Во 2017 година запишува магистерски студии по театарска режија на чешки јазик, во Janáčkova akademie múzických umění (ЈАМU) во Брно, во класата на Јозеф Ковалчук, Бретислав Рихлик и Марек Хорошчак. Работи како асистент на режија во „Východočeské divadlo Pardubice “ на претставата „Злочинот на Калиб“ во режија на Б. Рихлик.
Во 2019 ја режира претставата „Антигона“ на Софокле во „Buran teatr“ во Брно, Чешка, со која и апсолвира на „Janáčkova akademie múzických umění“ во Брно. Истата година излегува со затворена премиера со претставата „Мурлин Мурло“ на Николај Кољада во „Албански театар“ – Скопје (театарот е во процес на отварање). Потоа следуваше претставата Каменот и други.












