Се разубавува околината на планинарскиот дом на Големо Езеро на Пелистер. поставени се нови маси и клупи за сите кои ќе пристигнат на едно од двете постојани езера, да може да се одморат и разладат.
Денес и во текот на вчерашниот ден, вработените од Јавната Устаоова Национален Парк Пелистер работеа на уредување на просторот во близина на Големо езеро и планинарскиот дом Димитар Илиевски – Мурато.
Овој планинарски дом е лоциран на крајбрежјето на Големо Езеро – едно од двете Пелистерски очи, на 2218мнв. Функционира од 70те години, со капацитет за прием на 50тина лица. Во текот на летните месеци (од почетокот на мај, до крајот на октомври), планинарскиот дом е секогаш отворен за време на викендите, а во текот на зимата, со планинските водичи и со НП Пелистер може да се координирате за групни посети.

Денеска од националниот парк информирааат дека се поставени нови клупи и маси за седење околу домот и непосредно на брегот на езерото. „ Потребниот материјал и технички средства беа транспортирани со помош на возила на НП Пелистер. Големо езеро претставува едно од најубавите природни богатства на НП Пелистер и е одлична можност за сите љубители на природата и планината викендите да ги поминат во мирот и тишината на планината далеку од високите температури. “ – велат денеска од оваа јавна установа, но напоменуваат дека „забраната за движење во шума е се уште на сила и сите заинтересирани посетители треба да знаат дека е потребно да извадат дозвола за движење од седиштето на НП Пелистер, од Инфоцентарот или по електронски пат од FB или WEB страната.“

Апелираат и да се чува планината од нејзино загадување, па отука и отпадот што посетителите би хго произвеле треба да си го понесат дома. Истовремено ги охрабруваат сите кои во овие летни горештини би се решиле да се освежат на планината, да го пријават било кое несовесно однесување што би го забележале.
Телефоните може да ги најдете на интернет страната и се од поголемиот број телефонски оператори во државата.











