Со свечени манифестации на повеќе места низ државата, денеска се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ – два клучни столба во македонската државност.
Централната прослава ќе се одржи во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Чествувањето ќе започне во 9:30 часот со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, пред Меморијалниот центар „Македониум“. Во 10:00 часот ќе биде оддадена почит на Споменикот на хероите на месноста „Слива“, а во 10:30 часот ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.
Централната манифестација на „Мечкин Камен“ е закажана за 12:00 часот.
Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде ќе има и свое обраќање.
Одбележувањето на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце.











