ТЕРА

REKLAMA???

СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЗАПИШУВАЊЕ НА БРУЦОШИТЕ

Уписите на универзитетот „Св. Климент Охридски“ се во завршницата на првиот уписен рок. Денеска од службите на сите факултетски единици кадешто се спроведе пријавувањето во законски определениот рок од 19 до 27 август, се очекуваат конечните Решенија за прием на кандидатите. Решенијата се однесуваат за сите пријавени иако определеноста со квоти не овозможува сите да бидат дел од категоријата студенти во државна квота.

Според календарот за уписните рокови, самото запишување на кандидатите ќе се одвива на 9 и 10 септември, на секоја од факултетските единици.

Основен критериум за селекција на кандидатите за запишување на прв циклус (додипломски студии) е успехот постигнат во средното образование. Вреднувањето на успехот на кандидатите се изразува во поени. Општиот успех по сите предмети во средното образование учествува со 60%, а успехот постигнат на државната матура со 40% од вкупниот број на поени, којшто може да изнесува најмногу 100 поени.  За кандидатите кои го завршиле четиригодишното средно образование во претходните учебни години (пред учебната 2007/2008 година и во учебната 2019/2020 година) и не полагале државна матура, основен услов и критериум за запишување е општиот среден успех и успехот од 4 предмети: мајчин јазик и странски јазик и 2 предмети определени од единиците како битни за студирањето на таа високообразовна единица. Двата предмети битни за студирањето претходно ги утврдува секоја високообразовна единица и ги објавува на огласна табла.

Доколку во првиот уписен рок при рангирањето на крајот од листата на примените кандидати има повеќе кандидати со еднаков број поени (најмногу пет) единицата на Универзитетот ги запишува сите вакви кандидати. Ако бројот на ваквите кандидати е поголем од пет, тогаш единиците на Универзитетот, овие кандидати ќе ги рангираат според дополнителни критериуми и тоа: соодветноста на изработената проектна задача при полагањето на државната матура, освоени награди на републички и меѓународни натпревари, добиени сертификати за познавање на странски јазици на повисоко ниво и сл. Овие дополнителни критериуми ги донесуваат факултетите, односно високата стручна школа на Универзитетот.

На секоја единица на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на 3 (три) најдобро рангирани кандидати (со највисок број на поени) во квотата на примените редовни студенти, по објавувањето на конечните ранг листи по завршувањето на сите уписни рокови, од страна на Универзитетот, ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии. Доколку има повеќе кандидати кои се рангирани со ист најголем број поени како и третиот рангиран кандидат, единиците ќе определат дополнителни критериуми врз основа на кои ќе се утврди на кој/кои од сите рангирани кандидати со ист број поени, од страна на Универзитетот, ќе им биде/бидат рефундирани средствата од платената партиципација за првиот семестар од првата година на студии.

Откако ќе се реализираат сите активности предвидени и со Упатството за реализација на конкурсот, Универзитетот ќе определи дали и каде ќе се спроведе и втор уписен рок, којшто, предвидено е , би требало да се реализира од 15 дфо 23 септември и тоа на 15 и 16 – пријавување на кандидатите, на 17ти- претходна проверка на знаењата од англиски јазик за соодветните факултети , на 22 септември – предвидено е да се објават решенијата за прием, а на 23 септември и запишување на кандидатите.