Со оглед на топлото време и високите температури кои се најавуваат, Службата за итна медицинска помош апелира до битолчани без потреба да не излегуваат во текот на денот од 11 до 17 часот.
-Ако веќе имаат потреба, да внимаваат, да носат посветла облека, главата заштитена со капа и со себе да си носат шише со вода. Да се избегнува масна и тешка храна, да не се конзумира алкохол, туку вода. Овошје и зеленчук да се конзумира и добро да се мие, особено почесто да се мијат рацете, вели д-р Васе Николовска, Итна медицинска помош – Битола.

Д-р Николовска особено напоменува за климатизираните простории, да не се мести на многу ниски температури.
-Да се внимава кога се излегува од климатизирана во неклиматизирана просторија, затоа што доаѓа до пареза, искривување на уста, лица, страда мускулниот систем, вели таа.
Aпелира и на почитување на мерките од министерството за здравство. Иако не е задолжително, да се носат маски во затворени простории заради зголемениот број ковид случаи.
Инаку според метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, во следните четири дена – од четврток до недела (21-24.07.2022), територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза и во овој период ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
Во овој период, почнувајќи од четврток (21.07), сите региони во државата – скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза, при што состојбата на топлотен бран почнува да важи на целата територија на Републиката и со цел заштита на здравјето на населението, Министерството за здравство ги дава следните препораки:
Инаку како што и
1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и хронично болни лица.
2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да укажат помош на постари, изнемоштени лица и бездомници.
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.












