Во насока на засилена контрола, брза реакција и проактивна заштита на животната средина и јавниот интерес, Општинскиот инспекторат при Општина Битола од вчера започна со дежурства на терен, надвор од редовното работно време. Целта е јасна: доследна борба против секоја форма на нерегуларно и незаконско однесување на целата територија на општината, велат од Општина Битола.
Понатаму во соопштението се вели дека веќе при првото дежурство беа констатирани над 30 случаи, најмногу во областа на градежништвото, јавната чистота и комуналните дејности. Инспекторите затекнаа ситуации со несоодветно постапување со градежен шут, комунален и друг вид отпад – прекршувања кои директно го загрозуваат урбаниот лик и животната средина. Дел од прекршителите се откриени и им е изречена усна опомена со даден рок за отстранување на констатираните неправилности, а во дел од случаите, постапувањето од страна на сторителите е веќе започнато.

Инспекцискиот тим постапуваше и по пријави од граѓани, што уште еднаш потврдува дека граѓанската свест и вклученоста се клучен сојузник во зачувувањето на јавниот ред и чиста средина.

За сите случаи кои не се во надлежност на општинскиот инспекторат – како што се брзо управување со мопеди, мотори и моторни возила, улични трки и прекумерна бучава од сообраќајот – граѓаните беа информирани веднаш да пријават до СВР Битола, со цел навремено постапување и заштита на јавниот ред и мир.

Вонредните инспекциски надзори продолжуваат и во наредните денови, а Општината ги охрабрува граѓаните да пријавуваат прекршувања и по работно време, на дежурниот број 075 388 797.

Со воведувањето на дежурствата, Општина Битола јасно го демонстрира својот одговорен и активен пристап кон заштитата на јавниот интерес, урбаното уредување и животната средина. Општина Битола, заедно со граѓаните, создава услови за побезбедна, почиста и поуредена Битола, истакнуваат од Општина Битола.
Фото: Општина Битола












