Со промотивно ноќно скијање успешно започна новата скијачка сезона во Ски – центарот Нижеполе. Директорот на ЈП Стрежево кое стопанисува со Ски патеката Нижеполе вели дека поминале период на упорна работа за да создадат минимални услови, како и подобар амбиент за посетителите на нашиот планински бисер.

„Со доаѓањето на зимата ние навреме ги започнавме подготовските на Ски-центарот„Нижеполе“. Ги саниравме оние проблеми коишто ни се случуваа изминатиот период и навреме извршивме технички преглед на двата ски-лифтови. Вчера ја започнавме ски-сезоната, имавме промотивно скијање за љубителите на зимските спортови. Очекуваме барем до наредната седмица да издржи ски-патеката со оглед на тоа што се најавуваат ниски температури, но и ако има дополнителни снежни врнежи ние сме спремни да направиме максимална подготовка на стазата. Во овај момент работи само долниот ски-лифт, онаму каде што има повеќе снег, штом ќе се направат услови ќе проработи и горниот ски-лифт за поискусните скијачи“, рече Менде Граматковски, директор на ЈП Стрежево.

Ноќното скијање,уредениот паркинг простор се дополнителни атрибути кои Ски – центарот Нижеполе го прават посебно привлечно место за љубителите на зимските авантури. Освен битолчани синоќа на ски-патеката имало посетители и од околните градови. Патот до Ски стазата Нижеполе е чист и опесочен.

„Синоќа имаше доста посетители на ски-патеката. Покрај битолчани присутни беа и скијори од околината, од Прилеп, Охрид, Струга, Ресен. Патот до Нижеполе е чист и опесочен, а чисти се и паркинзите. Цените околу скијањето се доста популарни, дневната карта е 400 денари, а ноќната карта е 300 денари, а сите посетители можат да се напијат и топол чај, варено вино и секако позната крофна во Бачилото во Нижеполе“, рече Граматковски.

Ски-лифтот e во функција од 10.00 до 15.00 часот за денско скијање, a ноќното скијање започнува од 19.00 до 22.00 часот.












