Методија Илиевски, советник во битолскиот Совет и еден од потпретседателите на СДСМ од пред комбинатот рече дека РЕК Битола веќе неколку дена е во колапс заради, како што вели, криминалните зделки и тендери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што се случува во РЕК Битола не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење на тендери за неспособни партиски фирми. Тоа е саботажа врз државата и системот од страна на ДПМНЕ. Суштината на скандалот е следна, новото раководство на РЕК Битола, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и лично блиско до премиерот Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен. Компанија без техничка опрема, без кадар и без искуство“ рече меѓу другото Илиевски.
Понатаму Илиевски вели и како што секогаш бива, се случувала хаварија во РЕК Битола, пожар, блоковите испаѓале од мрежата, а ЕСМ веднаш излегувала со термин – „саботажа“.
„Но, вистинската саботажа е од страна на директорите кои наместо да ангажираат сериозна фирма која може да ги испорача услугите за кои склучила договор од фантастичн 2,5 милиони евра, тие ги тераат работниците сами да чистат. Чистат без соодветна опрема, без опис на работно место, без дополнителен надомест“ вели Илиевски.
Постави неколку прашања и ги повика Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија, веднаш да отворат постапка.












