Во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски беше дел од работната посета во Стокхолм и Јeвле во Шведска.


Делегацијата од Македонија беше примена од амбасадорот на Македонија во Шведска Џенк Сејфула, со кој разговараа за можните начини за унапредување на релациите, зголемена комуникација со стопанството, можности за инвестиции и сл.

„За време на шестдневната студиска посета го посетивме седиштето на САЛАР во Стокхолм и разговаравме со директорот Рајан Нокс, фабриката Екогас – Биогасна постројка, собирниот центар на асоцијацијата Gästrike återvinnare кој се наоѓа во градот Јевле каде се селектираат сите фракции на отпад кои се создаваат во домаќинствата и комерцијалните објекти во шведските општини од овој регион, посета на постројката за рециклирање на метал: Kuusakoski и мал рециклажен двор , депонија со претоварна станица за отпад, неколку домаќинства и колективни домови каде видовме како тие постапуваат со отпадот, како го рециклираат и слично. Во рамките на нашата посета на Јевле бевме примени и од заменик градоначалникот на Јевле со кој разговаравме за организацијата и работата на оваа шведска општина.

Целта на оваа студиска посета беше да се пренесат искуствата при спроведувањето одржливи практики за управување со отпад, вклучувајќи ефективно собирање, рециклирање и повторно користиње на отпадот. Се запознавме со воспоставените системи и практики кои се покажаа успешни во шведските општини и региони со цел да примениме искуства и знаења и кај нас.

Оваа посета претставува уникатна можност за релевантни стратешки дискусии како подобро да се надминат предизвиците поврзани со одржливото управување со отпадот, но и да се направи исчекор кон суштинските прашања поврзани со регионалната и меѓуопштинската соработка за прашања поврзани со управувањето со отпадот, со цел усогласување со стандардите на ЕУ. Со тоа сите заедно ќе придонесеме кон подобрена еколошка одржливост и квалитет на живот за сите жители, како и кон забрзано приближување кон ЕУ“ вели градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.

Општина Новаци е една од шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, кои го имплементираат проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво” кој е финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал.













