На денешниот Саем-Отчет што го организираше ВМРО ДПМНЕ, под мотото „4 години работа за тебе” се обрати градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски кој ја истакна изградбата на три главни улици и канализационата мрежа со пречистителна станица.

„Максимални напори вложивме во почеток на изградба на индустриската развојна зона во Новаци којашто ќе биде на површина од 20 хектари, дојдовме до реализација на еден од најголемите проекти во историјата на општина Новаци тоа е изградбата на трите главни сообраќајници коишто ќе ја поврзат новата индустриска зона, чијашто вредност изнесуваше повеќе од 60 милиони денари, улици кои ги исполнуваат сите стандарди. За скоро време ќе ги удриме темелите на новите фабрики кои ќе никнат во општина Новаци”, вели Стевановски.

Градоначалникот на Новаци на панел дискусијата ги претстави и останатите реализираните проекти и исполнетите ветувања, проекти за поквалитетен живот на жителите на Општина Новаци.

„Четири години исполнети со работа и посветеност, време во кое одговорноста и отчетноста кон граѓаните беа врвен императив. Општина Новаци која пред четири години беше во тешка финансиска состојба, долг од 1,2 милиони евра и бројни проблеми, денес е пример за успех и развој. Дадениот збор и проектот ставен во програма, се обврска што секогаш ја исполнуваме. Заедно градиме посилни и трансформирани општини“ рече Стевановски.

Градоначалникот на Новаци зборуваше и за она што ја прави оваа општина единствена во Македонија, а тоа е што обезбедува оброк за сите ученици од прво до девето одделение, потоа за инвестирањето во образовниот процес со најсовремени електронски помагала, за сите четвртооделенци обезбедија таблети.
Изградени се повеќе од 2 километри тротоари низ општината, а во финална фаза е изградбата на канализационата мрежа во селото Добромири.
На спортски план темелно го реконструираа фудбалскиот стадион во Новаци и го подготвија за натпревари од прва лига.
Во делот на меѓународната соработка беа истакнати двата проекти од ИПА програмата на Европската унија за прекугранична соработка, едниот за темелна реконструкција на училиштето во мариовското село Градешница и современ музеј со дигитална виртуелизација со цел привлекување на туристи.













