Во дворот на Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа комеморативна церемонија во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани. Нив им се приклучија и средношколци од гимназијата Јосип Броз Тито и градоначалникот Тони Коњановски.
Настанот започна со едноминутно молчење, што го предводеше претседателот на Универзитетското студентско собрание, Димитар Атансовски.
Спремни со цвеќе во рака, пред споменикот на својот патрон порачаа „Како што Св. Климент ја носел светлината на разумот, така и ние да го носиме светлото на солидарноста.“ А беа сите таму во знак на почит кон загинатите млади луѓе, некои на нивна возраст.
Студентите, со длабока почит, во отворената Книга на жалоста, запишаа лични пораки, молитви и мисли, изразувајќи ја својата поддршка и сочувство. Освен студентите, денеска во дворот на ректоратот беа и нивните професори.
Мирно очекувајќи го својот ред, шепотеа за одговорноста на возрасните.
Покрај масовното присуство на студентите, достоинствена почит за жртвите изразија и средношколци од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ и граѓани од Битола. На младите луѓе им се приклучија и делегации од раководството на УКЛО, синдикатот на вработените, како и градоначалникот на Општина Битола.
Денешното комеморативно положување цвеќе е дел од активностите што УКЛО ги презема за поддршка на студентите и целата универзитетска заедница во обезбедување на помош и поддршка за студентите кои се погодени од трагедијата. Договорија План за измени во наставните активности. Во периодот од 17 до 21 март ќе се применат исклучоци од редовната академска пракса:
Не се евидентираат поени за присуство на настава.
Не се закажуваат испити, колоквиуми, проектни задачи или други форми на проверка на знаењето.
Факултететите и Високата школа се безбедна средина за студентите и затоа термините за часови треба да се искористат за пружање поддршка на студентите, наместо студентите да се препуштаат на неконтролирани влијанија од средината, на пример негативните вести които доаѓаат од медиумите. Во целосна функција е и Психолошкото советовалиште што функционира во Студентскиот информативен центар (СИЦ), отворено за сите студенти и млади луѓе од УКЛО или други универзитети или факултети кои имаат потреба од советување или поддршка.
Нека им е вечен споменот на загинатите, оздравување на повредените и сила за семејствата и пријателите на жртвите, порачуваат од Универзитетското студентско собрание на УКЛО, и ректорската управа.












