Во Офицерскиот дом беше држана трибина посветена на нашиот сограѓанин, писателот Владимир Костов, кој за жал почина на почетокот на оваа година. Трибината беше со наслов “За Костов“.
„ Да сте го имале Владимир Костов за свој сограѓанин, сосед, пријател, учител е привилегија сама по себе. Да сте ги читале пак неговите дела е како да сте ја натопиле душата со мирисот на битолскиот бит“, беше истакнато на трибината. Настанот беше дел од одбележувањето на 63 годишнината од МНД Битола чиј член беше и Костов.

На трибината со воведен говор се обрати претседателката на Македонското научно друштво, д-р Невена Груевска, за животот и делото на Костов зборуваа: проф. Александар Стерјовски, проф. Весна Мундишевска – Велјановска, проф. д-р Анита Ангелевска, проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, Добре Тодоровски, Милица Радевска и Живко Андреевски. Секој од учесниците се обиде на многу интересен и непосреден начин да им долови на присутните различни аспекти од богатиот животен и книжевен опус на Костов.

Основната цел на настанот, беше да се одбележи роденденот на Друштвото со тоа што ликот и делото на еден од своите најистакнати членови ќе го доближи до битолската публика, особено до помладата читателска публика.
Беа прочитани извадоци од некои од делата на Костов, од учениците Тамара Талевска и Андреа Триста од основното училиште „Даме Груев“- Битола и Филип Здравески и Викторија Стојковска од средното општинско училиште „Јосип Броз Тито“ Битола.
За музичкиот дел беа задолжени учениците од средното музичко училиште во Битола и тоа: Зорица Јовчева, Теодора Мицеска и Санела Шукриевска. Модератор на настанот беше Милена Касапоска-Чадловска, член на Одделението за лингвистика и литература, при МНД-Битола
Овој настан е дел од соработката помеѓу КИЦ Битола и МНД Битола.












