Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска изјави дека бебето кое починало во битолската болница било родено со брадикардија, а родилката е од Битола и има 24 години.
„Денеска сме тука за да видиме како бил случајот. Утре од ДСЗИ ќе испратиме комисија од инспектори, за да утврдат што било причината. Според првичниот извештај, било живо родено, со брадикардија, имало белодробрно-срцево оживување, понатаму се ќе кажеме кога ќе имаме дефинитивни резултати од институциите“, кажа Меџити.
Тој додаде дека дошол во посета на болницата за да види што е пропустот и што може да се подобри.
Попладнево со соопштение се огласија и од Министерството за здравство. Во соопштението се наведува дека министерот Фатмир Меџити по информацијата за починатото новороденче, ги откажа сите свои ангажмани и денеска ја посети Клиничката болница Битола, за на лице место да увиди што се случило. Истовремено, министерот се сретна и со родилката и изрази длабоко сочувство.
Директорот на болницата, д-р Александар Обедниковски изјави дека во текот на породување настапила брадикардија, која покрај срцево-белодробно оживување е констатирана смрт. Од директорот е даден налог за обдукција. По налог на министерот утре ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на текот на лекување на починатото новороденче, се вели во соопштението од Министерството за здравство.












