Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција им се заблагодари на сите членови и поддржувачи по изборот за нов 4 годишен мандат на чело на партијата, потенцирајќи дека ова е заедничка победа на сите што веруваат во вредностите на социјалдемократијата — правичност, напредок и еднаквост.
„Благодарност до сите членови на СДСМ за поддршката! Ова не е само моја победа, ова е победа на СДСМ и на сите што веруваат во вредностите на социјалдемократијата – правда, еднаквост и грижа за сите. Фактот што добив двојно повеќе гласови од минатиот пат е доказ дека нашата интензивна работа дава резултати и дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките што ги водиме. СДСМ е подготвена, СДСМ е силна, СДСМ е консолидирана. Ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат, за доброто на Македонија и за доброто на сите граѓани“, рече Филипче.
Кандидатите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за претстојните локални избори ќе бидат луѓе кои најдобро ќе нè претставуваат, кои ќе работат за доброто на граѓаните и ќе го исполнат тоа што ќе го ветат, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање по завршувањето на денешните внатрепартиски избори.
„Во следниот период почнува сериозната подготовка за локалните избори. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нè претставуваат на локалните избори – луѓе кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пријатели и познаници во своите општини. Луѓе на кои ќе може да им се верува дека политиките и програмите што ќе ги ветат – ќе можат и да ги исполнат, рече Филипче.












