Претседателот на СДСМ Венко Филипче, во Берлин во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), оствари средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и ко-претседател на СПД.

На средбата, претседателот Филипче изрази благодарност до вицеканцеларот Клингбајл, за континуираната и силна поддршката на СПД за евроинтеграцискиот процес на Македонија, посочувајќи дека како сестрински партии, ја споделуваат истата визија за праведна, обединета и солидарна Европа.

Филипче и Клингбајл разговараа за забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија, како и на земјите од регионот и Западен Балкан, оценувајќи го како клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите-кандидатки за членство во Европската Унија. Беше посочено дека само со вистинска интеграција во ЕУ може да се обезбеди одржлив напредок – и економски и институционален, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Заеднички беше ставот дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат, како единствена алтернатива за напредок и подобра иднина на државата, соопштија од СДСМ.
Филипче имаше разговори и со поранешниот германски канцелар, Олаф Шолц, на кого му изразил искрена благодарност за силната поддршка која Германија, под негово водство ѝ ја даваше на Македонија за евроинтегративниот процес.

Една од поважните теми на разговорите е извештајот на ЕП за Македонија.
„Извештај со амандман за додавка „современ“ пред јазикот не смее да помине. СДСМ од почетокот силно лобира и се бори амандманот за јазикот и идентитетот да не бидат дел од извештајот, и во следните две недели ќе дадеме максимални напори да го повториме успехот од претходните години кога ваквите обиди успешно ги сопревме.

Јазикот и идентитетот не биле и никогаш не смеат да бидат предмет на допрецизирање. Тие се јасно дефинирани во сите документи на Европската Унија, а македонскиот јазик е веќе еден од јазиците во Унијата – чист, без додавки – и ова мора да остане така.
ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партија силен заштитник на идентитетските прашања, но не гледам дека на дело тоа го покажуваат.
Владата оваа битка мора да ја постави како приоритет. Времето е кратко и потребни се заеднички, максимални напори да го отфрлиме амандманот, за кој од ден во ден има сè поголем ризик да се донесе.
И сакам од тука, од Берлин, да потенцирам уште една работа – дека стоиме целосно отворени и спремни за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, да ги обединиме силите и конечно заеднички да укажеме и јасно да покажеме кои се црвените линии за Македонија“ рече Филипче.













