Дебитантскиот долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски во април ќе има светска премиера на престижниот „Palm Beach International Film Festival“ во Флорида, САД. Фестивалот важи за еден од најдобрите 25 фестивали за независен филм во светот.
Режисерот и сценарист на филмот Гоце Цветановски истакна дека најголема желба му била светската премиера да биде токму во САД – дестинација што ја доживува како центарот на филмските случувања на светската мапа.

„Нашиот проект ќе биде прикажан во конкуренција со некои од најдобрите независни филмови во САД и во светот“, вели Цветановски кој македонската публика најдобро го знае преку серијалот „Светот на Биби.
„Бизнисот на задоволството“ е трилер кој ја обработува темата за трговија со жени. Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.
Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, за првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм. „Бизнисот на задоволството“ беше снимен со поддршка на Агенцијата за филм.












