Во свечената сала на „Понтификалниот институт за ориентални студии“ во Рим, се одржа проекцијата на документарниот филмот „1000 години – Сведок на Светлината“, посветен на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир, во авторство и режија на Илија Ико Каров.
На иницијатива на Амбасадорката на Македонија во Ватикан, Марија Ефремова, а под покровителство на Директорот на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, документарецот за Бигорскиот манастир беше прикажан пред голем број амбасадори и други дипломати од повеќе држави, акредитирани во Светата Столица. Целта на оваа проекција беше запознавање на дипломатскиот кор од повеќе држави во Ватикан со македонското културно и духовно богатство.

На почетокот на настанот, свои пригодни обраќања имаа амбасадорката на Македонија во Ватикан, ректорот на Понтификалниот ориентален институт отец Давид Назар, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, јеромонахот Кирил од Бигорскиот манастир и режисерот на филмот Илија Ико Каров.
Јеромонахот Кирил од Бигорскиот манастир на свеченоста рече:
„Навистина е чест и привилегија што имам можност да се обратам пред овој свечен и уважен аудиториум, кој вечерва има својство на еден непогрешлив arbiter elegantiarum. Во центарот на оваа цивилизациска лулка е емитуван документарниот филм за еден, исклучително долг, милениумски духовен и културен континуитет. 1000 години – Сведок на Светлината. Се чини дека самиот наслов е доволно моќен, за да ја пренесе сериозноста и свештеноста на, со десет века напластуваната содржина на духовност, убавина, просветление, возвишеност, светост“ .

Во својот говор, авторот и режисер на филмот, Илија Ико Каров, правејќи, меѓу другото, алузија и со животот на Свети Константин – Кирил Философ и на тој начин потенцирајќи ја врската на македонската земја со Вечниот Град истакна:
„Сонцето секое утро се буди и изгрева на Истокот, потоа сонливо, растејќи се издигнува на највисоката точка на небото; во својот зенит од каде што грее најсилно за сите. Потоа спокојно и полека го продолжува својот пат, упатувајќи се кон прегратките на Западот, каде што мирно ќе заспие и ќе зајде; ќе отпочине до утре. Бог така совршено ја усторил Светлината, што таа не може да биде целосна ниту без Истокот, ниту без Западот“ .
Не можеше да се сокрие големото воодушевување што содржината и естетиката на филмот го предизвика кај присутните гости, кои со громогласен аплауз им оддадоа искрено признание на режисерот Илија Ико Каров, на првиот асистент на режија и монтажер Бранко Блажевски, кој беше меѓу присутните, како и на целата екипа којашто цели пет години заедно со нив работеше на овој проект.












