Циклонот „Борис“ кој донесе обилни дождови и силни ветришта, предизвика поплави во Централна Европа, особено во Чешка, Полска и Австрија.

Невремето однесе и седум човечки животи, пет во Романија и по еден во Австрија и Полска.
Поплавени се градови, патишта и друга инфраструктура, населението од најзагрозените подрачја се евакуира, а има и заглавени луѓе до кои спасувачите не можат да стигнат.

Романскиот Национален институт за хидрологија и водостопанство издаде црвен аларм за регионите Галати и Васлуи додека спасувачите, вклучително и со воени чамци и други средства, се обидоа да стигнат до заробените жители, од кои некои беа принудени да се качат на покривите за да се спасат.

На некои места поплавите со вода достигнаа и до три метри длабочина.

Во меѓувреме, управата за водоснабдување во Вроцлав, југозападна Полска, соопшти дека ситуацијата е критична откако се прелеа браната висока речиси 30 метри во долината Клоѓко на границата на Полска со Чешка, поради што се евакуирани жители.
Во Австрија десетици општини се прогласени за зони на катастрофа.
Во чешкиот главен град, Прага, властите воведоа мерки за спречување на поплави.












