ТЕРА

REKLAMA???

„АНА КАРЕЊИНА“ НА ПРОЈКОВСКИ НАЈДОБРА НА ФЕСТИВАЛОТ „ТЕАТАРСКА ПРОЛЕТ“ ВО СРБИЈА

Претставата „Ана Карењина,“ на театарот во Нови Сад, a во режија на битолчанецот, Дејан Пројковски беше прогласена за најдобра на Фестивалот “ПОЗОРИШНО ПРОЛЕЧЕ” во Шабац, Србија, со освоени 4 главни награди : најдобра претстава/најдобра режија / најдобра главна машка улога / најдобра главна женска улога.

Жирито на фестивалот, кое го сочинуваа актерот и режисер Зијах Соколовиќ, режисерката Слаѓана Килибарда и актерот Ирфан Менсур, ја прогласи „Ана Карењина“ за најдобра претстава во целина. Претставата е работена по култниот роман на Толстој .

Наградата  „Љубиша Јовановић“  е доделена на актерот Арпад Месарош за улогата на  Алексеј Вронски, а наградата за најдобра женска улога на Тимеа Филеп,  за улогата на  Ана Карењина.

Кореографка на претставата е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Пупучевска. „Пројковски користи костими со модерни елементи, а во големите групни сцени (на пример, сцената со балот) имаме танцови секвенци придружени од електронска музика. Целата поставка е комбинација од класични елементи на сцената и костимите, современи во другите аспекти (музиката и глумата)“, истакнуваат театарските критичари.

Изминатите години претставите во режија на Пројковски беа прогласувани за најдобри или добивале награди во Хрватска, Црна Гора, Турција, Унгарија, Србија.

„Театарот, освен со зборови, раскажува и со слики. Театарот се слуша, гледа и мириса. Сценската слика што ја создаваме треба да има исто толку значење, како и зборовите“, вели Пројковски.

Од денот на премиерата, „Ана Карењина“ учествуваше на бројни фестивали во земјата и странство – во Унгарија, Врање, Младеновац, Чортановци, потоа на Фестивалот на професионални театри во Војводина. Претставата беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“. 

Истата беше апсолутен победник, со освоени седум награди, на 70. Фестивал на професионални театри на Војводина, беше прогласена за најдобра на Фестивалот во едно дејство во Младеновац, Србија и др. Во наредниот период се очекува да гостува на уште два фестивали, а пред крајот на летото на Варошмајор во Будимпешта, кој се одржува на отворена сцена.

Публиката на Новосадскиот театар од овој месец има можност да ужива во уште една претстава што режисерот Пројковски ја подготви со ансамблот на овој театар – познатата Шекспирова драма „Ричард Трети“, чија премиерата беше на 11 април.

Неда Маретиќ