ТЕРА

REKLAMA???

БАЛЕТОТ „ГОСПОЃИЦИТЕ ОД АВИЊОН“ ГИ ВООДУШЕВИ БИТОЛЧАНИ

„Госпоѓиците од Авињон“, чија премиера се одржа на 9 март на сцената на Македонската опера и балет, синоќа гостуваше во Битола, на сцената на Центарот за култура .

„Претстава каква одамна не сме виделе на нашите театарски сцени“, велат присутните. Истата е по музика на Калиопи, кореографијата и режијата на Олга Панго, либрето и драматургија на Сашо Димоски. Костимограф е Раде Василев, а за мултимедија и дизајн се погрижи Емил Петров. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ чиј сценограф е Валентин Светозарев.

Настапувија: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи, Агим Бафтии и Ендру Кук.

Балетот „Госпоѓиците од Авињон“ успешно ја доловува сликата за петте жени во животот на славниот сликар Пабло Пикасо, претстава инспирирана од истоименото дело на Пикасо, во која ќе ја видиме потрагата по љубовта, смртта и слободата.

– „Бивајќи загледан во еден свој сон во Пикасовата слика „Госпоѓиците од Авињон“, врз платното слета една мува. Мувата, еднакво љубопитна колку и јас, почна да зуи насекаде по сликата, да прелетува од еден до друг нејзин крај, да ја испитува со кураторска прецизност. За разлика од мене, мувата имаше можност да го допре платното, на нејзината текстура да ги остави своите отпечатоци врз боите и низ формите. Допирајќи ја сликата, мувата одново ја создаваше, зуејќи. Во тој миг од сонот го скицирав текстот „Госпоѓиците од Авињон‘“ – вели либретистот Сашо Димоски.

„Димоски во овој миг под македонското театарско небо е синоним за она што во театарот, односно во изведбените уметности, се нарекува современ тренд, она кое традиционално се врзува за кованицата „современ европски театар“. Пишувајќи го либретото за овој балет, Димоски го доразвил „главниот лик“ од драмскиот текст со цел дополнително да ги акцентира врските кои се градат со насловот на овој балет, но и со насловот на сликата на Пабло Пикасо. Приказната ги демистифицира/деконструира петте куртизани препишувајќи ги во пет жени кои го одбележале бурниот љубовен живот на Пикасо и односите кои тие жени ги имаат со „ликови без важни својства“, како што запишал драматургот. Овие пет љубовни приказни, околу кои постојано зуе една мува, формираат целина во заговорот против мувата – со цел да ја убијат, а убивајќи ја – засекогаш да ја впијат во себе“, пишува драматургот Билјана Крајчевска за гледај.мк.

Во својата рецензија Крајчевска додава: „Кореографијата на претставата е на Олга Панго, најзначајниот театарски и балетски кореограф во мигов, добитник на најзначајни домашни и меѓунардодни признанија, која неодамна ја гледавме и како протагонист во претставата „Петтото годишно време“.

Панго го препишала либретото на Димоски во кореографски ракопис кој е неверојатно богат, прецизен, кој функционира на принцип на „слики кои оживуваат за да се преживеат одново“, слики од слики кои се движат, секоја со својот сопствен наратив, со својата љубовна приказна која ја раскажува. Богатите елементи се сместени во режисерски концепт кој функционира преку сценски лифтови низ кои ликовите се појавуваат и исчезнуваат. И покрај тоа што е најавен како современ балет, според кореографските елементи „Госпоѓиците од Авињон“ е во голема мера класично дело – што се чита во јасните елементи од азбучникот на класичниот балет.

За атрактивноста на оваа балетска претстава зборуваат позитивните реакции на присутната публика на премиерната изведба во Скопје, но и во Битола, која со долг аплауз го награди тимот што работеше на овој балет, а особено извонредните балетски играчи, кои донесоа магија на сцената.

Фотографии Центар за култура

Неда Маретиќ