Однесувањето на компаниите кои деновиве ги зголемија цените е некоректно и неморално, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи додавајќи дека е неприфатливо за 24 часа цената да порасне за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне 20 отсто за истото време.
„Со внимание се следи сето она што изминативе три дена се случува на слободниот пазар и набргу ќе има соодветен одговор од институциите“ рече Битиќи.
„Сметам дека тоа е само манипулација што ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби. Јас очекувам набргу извештај од инспекциските служби со мерки за сите коишто тоа го имаат направено“, рече Битиќи.
Во однос на антикризните мерки, вицепремиерот за економски прашања, додаде дека Владата со ребалансот на Буџетот предвидува одредени финансиски средства, што според него е околу 73 милиони евра и додаде дека антикризните мерки нема да бидат мерки коишто се сеопфатни, туку таргетирани за специфични целни групи кои што се најзагрозени и компании кои што се најзагрозени.












