ТЕРА

REKLAMA???

БИТОЛСКИОТ РЕГИОН АТРАКТИВЕН ЗА УЧЕСНИЦИТЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ЗРНО“

Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ годинава се одржа по втор пат, а најголемиот дел од активностите беа во селото Цапари, во битолскиот регион.

Како што информираа организаторите со второто издание направиле исчекор во квантитетот и квалитетот на содржините претставени пред македонската и меѓународната сцена.

„Активностите почнаа со две изложби во јуни, во Мала Станица-Скопје, Зрно претстави современи, модерни дела од сите седум континенти, испратени на отворен повик и жирирани од осумчлено меѓународно жири, а потоа, во КИЦ-Скопје, претстави две големи имиња на современата аналогна фотографија-најнаградуваниот шпански фотограф-Жосеф Мариа Рибас Прус од Барселона и Дамиан Диаконеску од Темишвар“, велат од „Зрно“.

Во соработка со Арт Колонијата Де Ниро, во селото Цапари се одржаа работилниците за благородни фотографски процеси на кои учествуваа над триесет учесници од Европа и неколку студенти од кај нас. Беше прикажан и документарниот филм Transumanta – на Дамиан Диаконеску, гостин ментор на работилниците.  Целта на овогодинешното издание беше да се подигне квалитетот на делата кои ќе настануваат на работилниците, и фестивалот да поттикне соработка на европско ниво, што во секој поглед беше постигнато- најголемиот дел од учесниците беа буквално од ширум Европа, од Осло до Атина. 

Во соработка со КИЦ-Битола, во две сали во Офицерскиот Дом-Битола се отвори изложбата на делата пристигнати на отворениот повик, како и избор на триесетина алтернативни фотографии од фото клубот Ирис, од Темишвар.

Потоа, беше организиран отворен ден, каде сите заинтересирани можеа да ги посетат работилниците и да погледнат како се работи на секоја специфична техника, да се обидат и самите да креираат нешто со помош на упатените учесници или ментори на работилниците.

Фестивалските активности на Зрно 2023 завршуваат со изложба на фотографии настанати на работилниците во Цапари и издавање на каталог.