По премиерата на 66. Охридско лето и светската премиера во Верона, Битолскиот театар успешно ја заокружи сезоната со нови премиери, бројни меѓународни гостувања, соработки.
Последната премиера за оваа сезона „Кориолан“ по делото на Шекспир, во режија на Џон Блондел, беше успешно претставена во рамките на драмската програма на 66. Охридско лето, а веднаш потоа меѓународниот успех НТБ го потврди со светската премиера на Verona Shakespeare Fringe Festival, каде ја позиционираше и потврди македонската театарска сцена високо на глобалната театарска мапа.
Во текот на овие неколку месеци НТБ реализираше премиери од современа светска и домашна драматургија:
- „Госпоѓа Бовари“, од Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски,
- „Секстет“ од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски,
- “Пинокио” од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски.
Оваа година акцентот повторно е ставен и на македонските автори од македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, па во тие рамки беше изведена “Пламенка” од авторот Петре Димовски, во режија на Софија Ристевска Петрушева.
Во текот на сезоната Битолскиот театар оствари бројни гостувања во Македонија и во странство, меѓу кои:
- Фестивалот „Бабелфаст“ во Трговиште, Романија, со „Ричард трети“, од Вилијам Шескпир во режија на Мартин Мирчевски, претставата која минатата година ја освои публиката и жирито на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ и беше избрана за најдобра претстава на истиот.
На ова гостување се најави формирањето на Балканска асоцијација на театри и фестивали – значајна иницијатива која има за цел продлабочување на културната соработка, размена на искуства и заеднички развој на театарската уметност во регионот. НУ Народен Театар Битола ќе биде меѓу основачите, потписниците и членови на оваа асоцијација и со тоа продолжува да ги гради своите меѓународни партнерства и да биде активен промотор на македонската театарска уметност пред светската публика.
Досега во сезоната 2025/2026, премиерно се изведени 8 претстави, репризно одиграни 177, посетители 34.311.
Во споредба со сезоната 2024 / 2025 за 27 проценти е зголемен бројот на репризно одиграни претстави, а за 37 проценти е зголемен бројот на посетители. Полните сали и интересот на битолчани за театарот е само уште еден мотив и оваа година НТБ да продолжи да работи посветено, како и досега.












