Борците на платеничката група „Вагнер“ ја презедоа контролата над сите воени објекти во рускиот град Воронеж.
Воронеж се наоѓа на околу 500 километри јужно од Москва.
Лидерот на руската платеничка војска од групата „Вагнер“,Евгениј Пригожин, денеска, во одговор на обраќањето на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека тој и неговите луѓе нема да се предадат, пренесе Хина.

Путин претходно вети дека ќе го уништи, како што го нарече, овој вооружен бунт, откако приватната армија на Пригожин ја презеде контролата врз јужниот град Ростов, како дел од обидот да го собори военото раководство.
-Претседателот е во длабока заблуда кога зборува за предавство. Ние сме патриоти, се боревме и се бориме за татаковината, рече Пригожин во аудио пораката.
„Никој нема да се предаде по наредба на претседателот, ФСБ (безбедносна служба) или кој било друг, бидејќи не сакаме земјата да продолжи да живее во корупција, измама и бирократија“, додаде лидерот на „Вагнер“.

Во своето обраќање до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин рече дека потегот на паравоениот лидер Евгениј Пригожин е „криминална авантуристичка кампања и предавство“ и дека Русија ќе се брани.
-Ова е еквивалентно на вооружен бунт. Се бориме за животот и безбедноста на нашите граѓани и за нашиот територијален интегритет. Ова е предавство, рече Путин во обраќањето до јавноста.
Рускиот претседател Владимир Путин, денеска, во вонредното обраќање до руската јавност, откако војниците на групата „Вагнер“ синоча влегоа во Ростов на Дон, изјави дека чинот е „предавство и забивање нож во грб“.
-Ова е еднакво на вооружен бунт, Русија ќе се брани, рече рускиот претседателот Путин на почетокот на своето обраќање, додавајќи дека Русија се бори за животот и безбедноста на граѓаните на Федерацијата.

„Ова е обид да не нападнат одвнатре, ова е предавство“, рече Путин.
Како што рече, секој конфликт мора да биде отфрлен за време на специјална воена операција.
-Ситуацијата околу Ростов е многу комплицирана. Ние правиме се за да го одбиеме овој напад. Ова е нож во грб за нас. Тие што се побунија ја предадоа Русија и ги повикувам сите вклучени во таа акција да престанат со секое учество во вооружен конфликт, рече рускиот претседател.

Тој јасно кажа дека е издадена наредба за неутрализирање на сите кои го организирале овој бунт, јави ДПА.
-Ќе се спротивставиме на искушенијата и предизвиците. Ќе бидеме посилни од порано, рече претседателот на Русија.
Путин порача дека оние кои ја делат Русија и нејзините граѓани неизбежно ќе бидат казнети, пренесе ДПА.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров денеска изјави дека неговите сили се подготвени да помогнат во задушувањето на бунтот на шефот на платениците на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, и додаде дека доколку се покаже за потребно тие се подготвени да употребат и сурови методи.












