После прикажувањето во Бразилија на ликовната изложба „Македонија“, уметниците Вилсон Нето и Даниел Частинет ја презентираа во нивниот роден град, Форталеза, Бразил пред љубителите на уметноста во културниот центар Унифор. Изложбата е курирана од Алдонсо Паласио. Имено се работи за ревија на дела на уметниците кои ги пренесоа на платно чувствата и искуствата од размената одржана во 2019 година, во Македонија, „европски бисер кој се крие на Балканот“, како што беше истакнато на отварањето на изложбата.

Проектот „Македонија“ започна во јуни 2019 година со покана за двајцата уметници да учествуваат во Меѓународната колонија Де Ниро, проект на културна размена во Битола.
„Во повратниот багаж Даниел Частинет и Вилсон Нето донесоа фотографии, скици и цртежи во форма на тетратки за уметници – материјални и нематеријални записи кои на некој начин беа интернализирани во душата“, истакна кустосот Алдонсо.
„Тоа е магично место, за мене посетата на Преспанското Езеро, боите на зајдисонцето на езерото, розовото небо го обзема погледот. И патувајќи ноќе од Скопје до Битола и гледајќи ги планините на темното небо, такви убави зелени и виолетови бои никогаш нема да ги заборавам”.
“Секогаш кога имам можност разговарам со другите за Македонија. Навистина ми недостасуваат македонските вина, вкусните сирења, сочни домати, љубезни и весели лица, прекрасни пејсажи и топло гостопримство. Би сакал да се вратам и да ги однесам таму и да ги видам моите пријатели како маѓепсани со вашата земја како и јас“. Ова се само дел од впечатоците на уметниците Вилсон Нето и Даниел Частинет, кои во Бразил инспирирани од посетата на нашата држава, ја презентираа изложбата „Македонија“, пред љубителите на уметноста.

Уметниците по посетата на Битола во 2019 тата година, своите впечатоци, искуства и спомени, се одлучија да ги преточат во уметнички дела. Имено уметниците беа дел од ликовната колонија Де Ниро и воодушевени од гостопримливоста на домаќините, на Драги Филевски и неговото семејство, како што ни изјавија, сакаа да ја покажат нивната благодарност и нивните емоции преку создавањето на ликовните дела.Оваа културна размена се издвои по својот пионерски дух, бидејќи за прв пат јужноамерикански уметници учествуваа во ваков проект во Македонија. Тоа беа денови на интензивна размена на знаења, практики, методи и уметнички искуства. Идејата била да се истражат точките на усогласеност помеѓу визуелните наративи на уметниците и релевантноста на Македонија како еден од центрите на мултикултурализмот на Балканот, кој во последните децении ја воспостави својата културна, економска и политичка независност, издвојувајќи се на меѓународно ниво и беше призната за нејзината уникатност.
Изложбата после претставувањето во Бразилија и Форталеза, планирано е да се прикаже во Софија и во Македонија во повеќе градови.
Неда Маретиќ













