ТЕРА

REKLAMA???

БРОЈНИ СЕ РЕАКЦИИТЕ НА РАЗЛИЧНИ ИНСТИТУЦИИ И ЗДРУЖЕНИЈА КОИ ГИ ОБЕДИНУВААТ РАБОТНИЦИ ПО ПРЕДЛОГОТ НА СТОПАНСКА КОМОРА ДА СЕ СКРАТИ БРОЈОТ НА ПРАЗНИЦИ. ШТО ВО СУШТИНА ЗНАЧИ ПРЕДЛОГОТ ЗА МАКЕДОНСКИОТ РАБОТНИК. ДАЛИ МОТИВИТЕ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДАТ ВО АНАЛОГИЈАТА СО ДЕНОТ НЕДЕЛА КАКО НЕРАБОТЕН ДЕН?

Замислете двајца работници.

Игор работи во приватна компанија. Петар во јавно претпријатие.

И двајцата имаат ист календар пред себе. Но, дали со предлогот на Стопанската комора ќе имаат и исто право на празнување?

Во 2026 година, за сите граѓани се предвидени 14 неработни датуми. Бројката е поголема од основниот број празници затоа што три празници паѓаат во недела, па неработен е и следниот понеделник. Покрај овие денови, постојат и празници што се неработни за припадниците на определени верски и етнички заедници. На пример, православен работник има дополнителни денови за Бадник, Водици, Велики петок, Духовден и Голема Богородица.

Тука доаѓа предлогот на Стопанската комора.

Комората предлага празникот што паѓа во недела повеќе да не се префрла во понеделник. А верските и етничките празници да не се користат автоматски според припадноста, туку работникот да има право да избере два дополнителни неработни денови.

И тука Игор од приватната компанија би имал едно необично прашање: „Кои два празника да ги изберам?“ Бадник? Велигден? Водици?

Досега календарот кажуваше кога не работиме. По предложениот модел, работникот однапред би требало да каже кои празници му се најважни. Оттука, верскиот празник станува уште една ставка во договорот за вработување, а не за одмор.

Вакви модели на индивидуално користење верско отсуство постојат и во регионот, но не е идентификуван ист модел како македонскиот предлог.

Во Србија и Црна Гора постојат посебни права за верски празници поврзани со припадноста на работникот. Во Федерацијата Босна и Херцеговина, пак, работникот може да користи до четири дена во годината поради верски и традициски потреби, од кои два се платени.

Значи, индивидуалното верско отсуство не е непознато. Прашањето е како и дали воопшто  ќе биде уредено кај нас.

И Петар од јавното претпријатие формално ќе биде опфатен со истиот закон. Но, ако работи во комунално претпријатие, здравство, енергетика или друга служба која мора да функционира и на празник, тој може да биде на работа.

И тука доаѓаме до една стара македонска дилема : како се плаќа тој ден?

Искуството со неработната недела покажа дека самото прогласување на денот за неработен не го решава прашањето. Кога беше воведена неработната недела, државата мораше да објаснува кој смее да работи во недела и колкав додаток треба да добие.

За работа во недела е предвиден додаток на плата, а за работа на празник исто така следува соодветен надоместок. Па оттука и размислата, ако државата тогаш не можеше да контролира кој добива празнична и плата за недела , како сега ќе пресмета ако празникот падне во недела , а не се префрла следниот ден, неделна дневница или празнична дневница , иако тие би требало да се исти. Што ќе впише недела или работа на празник?

Ставовите се измешани. Предлогот на Стопанската комора поаѓа од тврдењето дека помалку неработни денови значи повеќе продуктивност. Сојузот на синдикати прашува дали продуктивноста се зголемува само со повеќе работни денови? Сите други кои се огласија, сосе верските старешини ја отвораат дилемата дали ќе се земе само делот со повеќе работа или ќе се преземат и европските стандарди на работни време, заштита на работниците и европските плати.