„Се што зависи од нас ќе направиме за Бугарија да продолжи со истата влада што ја има во моментов. Нема да дозволиме Бугарија да влезе во изборна спирала поради нечие его, задкулисни игри или нешто друго“.
Ова го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по вечерашниот состанок со коалициските партнери, откако Слави Трифонов од Има таков народ (ИТН) реши да излезе од Владата.
Петков порача дека избори не се потребни во период на војна, енергетска и гасна криза, како и во период кога до крајот на годината треба да се усвојат 20-тина закони кои би ѝ овозможиле на Бугарија да добие пари од Брисел.
Трифонов додава дека за ваквиот потег има две причини – Република Северна Македонија и фактот дека во државата нема веќе пари.
„Петков води поинаква надворешна политика од таа на МНР и на Народното собрание. Премиерот си зеде свој министер за надворешни работи која се вика Весела Чернева и на различни лидери во Европа и во светот им ветил дека ќе го крене ветото за РС Македонија и прави се што може тоа да се случи и покрај тоа што огромен дел од бугарските граѓани бараат РС Македонија да го исполни договорот меѓу двете држави. Македонија е важен дел од нашата историја и душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ“, вели Трифонов.
Во однос на буџетот и државните пари тој вели дека откако Василев е министер за финансии „фрчат милијарди”. Трифонов тврди дека министрите од „Промената продолжува” ја водат државата кон пропаст.
„Обединети сме и велиме ’не‘ за хаос, ’не‘ на поединечни одлуки кои може да ја фрлат цела држава во криза и ’да‘ за обединетост и за борба против корупцијата. Бугарските граѓани треба да знаат дека оваа коалиција и овој состав стои зад нив и приоритет број еден ќе биде донесување на буџетот“,рече Петков.












