Oхриѓанецот Будимир Соколовиќ ја промовира македонската држава преку оживување на древниот начин на правење вино – со стари сорти и во амфори.

На најстрмната улица во Охрид, што од централниот плоштад ве носи до црквичето „Мал Климент Охридски“ се произведува вино како пред 2000 години. Овој начин во 21 век го оживеа Будимир Соколовиќ, по професија машински инженер, кој сета своја љубов и енергија ги внесува во производството на вино по најстариот европски метод.
„Главна преокупација и главна професија ми е машинството, па пред 20 години работев во „Емо“, после тоа работев 5 години како приватен бизнисмен, имам мала фирма која се занимава со машинство, хидраулика, пневматика, а ова со угостителство и туризам испадна чисто случајно.“ – вели Будимир, така нормално.

Случајноста ја поврзува со неговата идеја да произведува вино како што тоа го правеле пред милениуми. Ја регистрирал „Вила и винарија Мал Св. Климент“. Таа е жив сведок на градскиот живот во Охрид. Почнувајќи од архитектурата, специфичната македонска, а охридска куќа. Чардаците на трите куќи наредени по угорницата нема ден да не ги погали сонцето, а нивната камена основа пак открива дека се изградени пред 150 години. Будмир ги купил сите три. Тие внатре се поврзани – изградени непосредно до и во карпата која пред век и половина се издигнувала над тесната уличка и давала засолниште на црквичето во кое кога Османлиите го претворија Плаошник во џамија, биле сместени моштите на Св. Климент.
Малиот влез, кога се споредува со големината на објектите наоколу, веднаш ве пречекува со специфичниот мирис на винска визба. На подот од плочки, подзатскриени, само ако побарате ќе забележите, два земјени садови. Од прва може и да помислите дека домаќинката небрежно ги оставила таму легените, можеби неможела или само заборавила да ги прибере со другите садови. Но, кога се доближувате до нив, веднаш забележувате дека тоа се грижливо во темелот на куќата вградени садови, со капак.
„Се наоѓаме во винската визба, кадешто го изработувам виното според најстарата метода , во овие глинените ќупови, односно амфори или питоси . тоа се 500 литарски амфори. Ова е првпат во модерната историја на Македонија вака да се прави вино.
Го користам грозјето „Памид“ тоа е античка сорта со потекло од петтиот или четвртиот век пред нашата ера, а во охридскиот вински регион тоа е едно од најзастапените грозја. И масерациајта, и ферментацијата и одлежувањето е во амфорите , цели 5 месеци. Секој ден за време на ферментацијата треба да се меша грозјет за да не се исуши и комината да биде влажна да нема бактерии. Сето го имам залеано со парафинско масло за да нема оксидација и така останува да зрее уште 4 месеци. По вкупно 5 месеци источи чисто вино и тоа сега нашите гости имаат можност да го пробаат и да го тестираат. Јас кажувам дека воа е временска машина – вкус на виното како пред 2000 години. Горе на Плаошник, во Стоби имаме пронајдено вино во питоси, значи античка технологија , идентичен вкус со сорта на грозје кое потекнува од тоа време.
Капацитетот на мојата винарија е мал, значи годишно неколку илјади литри тоа не е комерцијално вино кое се продава по маркети, продавници или ресторани, го продаваме само тука, правиме дегустација. Во летната сезона работиме како отворен вински бар.

Чиниш виното го извлекува од утробата на земјата, таа којашто кажува за историјата на местото и пред 150те години на куќите кои денеска се претворени во 17тина интимни катчиња за одмор. Е тогаш Будимир ви покажува дека не е само угостител ами и машински инженер.
„За виното е потребно голема хигиена, па амфорите треба по одлежување темелно да се исчистат со вода, а за овие дрвените буриња тука, тоа е стандардна технологија. Јас всушност направив и еден уред за стерилизација на дрвените буриња. Тоа е парогенератор од 6 киловати, затоа што машинството ми е фах, така да тоа ми е применето машинство во винарството.“- вели Будимир и продолжува,
„ Покрај уредот за стерилизација на бурињата, јас и мојот син, кој исто така е машинец, во семејната фирма го направивме овој систем за заштита на виното во шише. Кога боцата се изпразне до половина или помалку, ако се остави отворена за неколку денови ќе настапи оксидација на виното . Ние го изумивме овој систем кој прави вакуум на – 0,5 бари, автоматски се префрла и го дополнува шишето со инертниот гас Аргон. Тоа функционира многу едноставно,… “

Го оставивме Будимир со своите изуми и гостите кои го посетуваат и за момент можеби се доживуваат себеси како древните Македонци. Вината кои ги произведува на древниот начин се добитници на многу домашни и меѓународни награди. А неговиот животен пат ја отсликува кажаната мудрост дека сите сили на светот не се моќни против човекот кој во себе носи талент, генијалност, упорност и решителност.
А тогаш не можете а да не се воодушевите од делата кои ги создава.
Приказната на Будмир Соколовиќ е поголема, а ТЕРА целосно ќе ја емитува во емисијата
„Чујте Срби, чувајте се“












