Во текот на јуни 2024 година, во Република Северна Македонија, пријавени сe вкупно 1.153 заболени лица од акутни заразни заболувања (без COVID-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ) со вкупна инциденца од 62,8 на 100.000 жители.- вели последниот извештај на Институтот за јавно здравје на Македонија. Скопје и Битола предничат во бројот пријавени, но состојбите не се многу различни кога се споредува со другите летни месеци и години.
Д-р Светлана Поповска Кљусева утринава за ТЕРА информираше дека „во месец јуни и јули доминираат повторно респираторните болести, пред се Варичелата, но бројките за таа болест се во пад во споредба со претходните месеци. Во Битола , вели д-р Кљусева, во месец јуни се пријавени 12 случаи на голема кашлица и 3 случаи на КОВИД 19. Пријавени труења со храна во месев јуни и јули во Битола нема.“
Ситуацијата со заразните заболувања сега е стабилна.

Првите две најчести заразни заболувања (овчи сипаници и ентероколитиси, n=877), учествуваат со 76,1% во вкупниот број на заболени, а со 77,1% во десетте најчесто пријавени акутни заразни заболувања во месец јуни, 2024 година – стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во текот на месец јуни, пријавени се: еден потврден случај на ХИВ и два случаи на СИДА, сите три случаи се од машки пол. Во однос на возраста, по едно лице припаѓа на возрасната група од 20-29, 30-39 и 50-59 години.
Во вкупниот број на пријавените случаи на вакцино-превентабилни болести, 98,3% се случаи на голема кашлица, како резултат на тековната епидемија на територијата на град Скопје и Куманово. Во оваа група на заболувања, регистрирани се и 2 случаи на заразни заушки на возраст од 3 односно 7 години, вакцинирани согласно Kалендарот за задолжителна имунизација во РСМ.
Во Р. Северна Македонија во текот на месец јуни, пријавени се вкупно 25 случаи на COVID-19 (I=1,4/100.000). Во однос на претходниот месец мај 2024 (n=12), се регистрира двојно зголемување на бројот на пријавени од КОВИД-19, a во однос на месец јуни 2023 (n=29) се регистрира намалување на заболените за 17,2%.













