Во рамките на БИТ ФЕСТ во Офицерскиот дом настапи Џенгиз Ибрахим со концертот насловен „Туркуаз“. На програмата беа изведени: Врати, Румелија, Туркуаз, Времето помина, Нихавент лонга, Јемен, Деј гиди стари години, Широк сокак и други.

Џенгиз Ибрахим првите чекори во музиката, ги започнува со традиционалниот саз. На рајскиот инструмент почнува да свири на 14 годишна возраст. Првите лекции ги учи од познатите мајстори во Истанбул. Се запознава со техничките карактеристики на сазот, да чита и да пишува ноти и некои значајни финеси. Музичар, теоретичар, наставник, уредник и водител на бројни музички емисии при турската програма на Македонското Радио. За тие што подобро го познаваат и кои имале можност да соработуваат со него ќе дополнат дека е виртуоз на рајските инструменти – канон и на саз.
Џенгиз Ибрахим го реинкарнира румелискиот мелос и води музички разговор меѓу културите во светот. Има компонирано музика за театар, меѓу кои и музиката за претставата „Солунски патрдии“ на Драмскиот театар Скопје, а исто така е автор и изведувач на музиката за балетот „Врати“ во продукција на МОБ.












