По повод 40 години од сојузната работна акција „Пат на младоста 1982“, здружението на волонтери – акцијаши „Волонтери – Пелистер“ – Битола, викендов организираше средба на акцијаши – младински активисти од Битола и Македонија. Се собраа за да се потсетат како пред 40 години го градеа Патот на Младоста Прилеп, Битола, Ресен, а потоа и Хидросистемот Срежево.

„Секоја година учествуваа по пет до шест бригади во смена, околу 1000 луѓе на една акција со претставници од сите републики во тогашна Југославија. Имаше големо дружење и други вредности кои тогаш се практикуваа за разлика од денеска“ рече Мишко Ѓелевски -командант на сојузната младинска работна акција „Пат на младоста 1982“.

„Носам 24 ударнички значки од работни акции низ цела Југославија и една од интернационална акција во Ташкент. Да бидеш бригадир и ударник беше голема чест за една млада личност. На тие акции младите се калемеа во зрели личности кои ќе се носат со предизвиците на животот. Кога ќе направиш нешто и тоа ќе остане за век по тебе, доказ е дека бесполезно не си го потрошил животот. Сакам и денешните млади да бидат ударници инаку седнати по цел ден со телефоните не е во ред“, рече Кире Марков.

Беа изложените и фотографии кои сведочеа за тоа време.Се потсетија на големото другарство, на љубовите кои се раѓале на акциите, па дури се случуле и свадби.
„Пет години бев командант за траса, браната Стрежево ја имам пешки поминато кога немаше ни вода, ни пат. 34 години акцијаш бев. Штета што денес ова не се случува. Немаше тешко, работеа машините- работеа младите, срамно беше да се каже не можам“, рече Киро Димовски- Французо.

Во Битола дојде и 19 годишниот Игор Јосифовски од Охрид кој од 2014 до денес е активен учесник во акциите.
„Младите не се многу заинтересирани за акцијаштвото , но се надевам со тек на време повеќе и повеќе млади ќе ни се приклучат. Не живеев во бивша Југославија, а се приклучив во акциите преку мојот професор од училиште и откако започнав од 2014 година до денес сум активен учесник. Сум учествувал во повеќе меѓународни и регионални акции“, рече Јосифовски.

На средбата беше посочено дека Здруженијата на акцијаши низ цела држава, работат на привлекување на младите.
По средбата во дворот на општината, заминаа на патот кој го градеа на излезот на Битола кон Ресен, од таму продлжија до Скијачкиот центар Нижеполе каде посадија зимзелени дрвца, а завршија со бригадирски ручек во Студентскиот дом во Битола.












