По вчерашната прес конференција на битолската СДСМ, од која беше побарано од градоначалникот Тони Коњановски, како што рече советничката Мирјана Захариевска-Ралевска час побрзо да ја заврши процедурата за доделување на локациите во Градскиот парк во Битола на наши, млади сограѓани кои преку летото тука продаваат крофни, кафе и други пијалоци, со реакција се огласија од ОК на ВМРО ДПМНЕ.
„Апелиравме дека предлогот на СДС со кој бараа и изгласаа поништување на огласот за урбана опрема на градското шеталиште ќе се направи хаос! Така и бидна, сега штетата ја направија, но решението не го знаат и бараат друг виновник!
Затоа денес како советничка група предлагаме решение, донесување на одлука со која локациите се издаваат согласно законот за комунални такси и програмата за времени објекти.
Со тоа овозможуваме на сите оние кои претходните години работеле на градското шеталиште да продолжат да работат.
Очекуваме поддршка од сите советнички групи“ стои во партиската реакција, која е и со видео од предупредувањето на советникот на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски за проблемот кој ќе се случи ако Советот го прифати барањето на СДСМ за поништување на јавниот повик.
„Да зборуваме со факти и да го почитуваме законот, затоа сме избрани ние и тоа го бараме од сите јавни функционери, директори, градоначалник и останати. Затоа да не се доведеме во ситуација да се изгласа одлука на Совет со која ќе се поништи огласот, доколку има таква желба кај мнозинството советници кои што се тука. Со одлуката ќе се поништи огласот, подоцна ќе се доведеме во ситуација каде што на таа локација ќе имаме диво поставени тезги кои што ќе треба општинската инспекција да ги брка, додека цената за комунална такса од 15 денари за метар квадратен е утврдена согласно Законот за комунална такста. Тоа што ние го имаме изгаласно дека е 15 денари за метар квадратен, тоа се почитува, таа е максималната вредност која што е во Законот за комунална такса.
Исто така сакам да кажам дека ова го направиле стручни лица. Да не се доведеме во ситуација луѓето кои што егзистираат таму, како така, ги имаме години, да ги ставиме во позиција да не можат да ги поставуваат и подоцна да бараме друго решение. А, додека она што го споменувате вие дека треба да ја одржуваат хигиената, да имаат приклучок доколку дел сакаат да приклучат електрично броило, тоа е напишано бидејќи секој што работи таму е должен да си ја одржува хигиената“ рече Бојкоски.
На таа седница со 18 гласа „за“ беше прифатен предлогот на СДСМ за поништување на јавниот повик.












