Министерството за здравство во врска со починатото новороденче во Клиничката болница во Битола денес околу пладне информира дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор. Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на текот на лекувањето на починатото новороденче.
Истовремено како што велат од здравство е формирана и комисија за стручен надзор, составена од двајца специјалисти гинеколози, неонатолог, анестезиолог, како и претставник од Министерството за здравство.
Од министерството за здравство информираат дека директорот на Клиничка болница Битола, д-р Александар Обедниковски, утрово до Министерството поднесе неотповиклива оставка од морални причини.Тој оставката ја најави уште синоќа.
Вчера министерот за здравство Фатмир Меџити по информацијата за починатото новороденче ја посети клиничката болница во Битола да види што се случило. За медиумите изјави дека според првичниот извештај, бебето било живо родено со брадикардија и имало белодробно срцево оживување.
Ваков инспекциски надзор имаше и по смртта на 6 годишната Јана кога од страна на инспекторите не беше утврдена лекарска грешка при лекувањето. Сеуште се чекаат резултатите од обдукцијата.
За утре во 17 часот најавен е протест пред Клиничката болница во Битола поради смртта на новороденчето, како и смртта на малата Јана.












