Грипот и акутните респираторни инфекции се во пораст, а деновиве амбулантите се полни со пациенти, велат матичните лекари што ги контактираше ТЕРА.
Пациентите најчесто се жалат на покачена температура, главоболка, болка во мускулите и долготрајна сува кашлица.
Битола е еден од градовите со средна активност на вирусот на грипот.

„Во четврта недела од 2026 година во Битола се пријавени 55 лица со клиничка слика на грип и заболувања слични на грип, што е намалување на два и пол пати во однос на третата недела. Доколку ја споредуваме четврта недела од 2026 година со четвртата недела од минатата 2025 година, лани имавме повеќе од 27 проценти на заболени од грип. Пикот лани беше во средината на месец февруари, така што останува да видиме како ќе се одвива ситуацијата во следните неколку недели и тогаш ќе можеме да зборуваме во однос на највисоките бројки за оваа сезона“- изјави за ТЕРА телевизија д-р Светлана Поповска Кљусева, специјалист по епидемиологија.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека оваа сезона во однос на минатите години аплицирани се и рекорден број на вакцини против сезонски грип.

„Оваа сезона Центарот за јавно здравје Битола во однос на минатите сезони даде и рекорден број на вакцини, 8.300 бесплатни и комерцијални вакцини против сезонски грип. Сеуште имаме достапни и бесплатни и комерцијални вакцини за лицата коишто спаѓаат во категоријата за бесплатна вакцинација, сега немаат потреба да се пријавуваат на вакцинација.мк туку доволно е да дојдат во Одделението по епидемиологија и доколку нивната здравствена состојба дозволува ќе бидат вакцинирани. За останатите граѓани во Центарот за јавно здравје имаме комерцијални вакцини“-вели д-р Светлана Поповска Кљусева, специјалист по епидемиологија.
Експертите апелираат до граѓаните да ги следат препораките за хигиена и да избегнуваат ризични места за да се намали преносот на вирусот. Превенцијата и внимателноста се клучни додека грипот ја достигнува највисоката активност во тековната сезона.













