ПО СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ СО БАЛЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „ШЕХЕРЕЗАДА“ НА НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ, ФЕСТИВАЛОТ ИЗМИНУВА ВО ЗНАКОТ НА ВРВНИ ПЕДАГОЗИ И ВИРТУОЗИ.
Свеченото отворање на 35 по ред интернационален фестивал на класична музика “интерфест“ измина во знакот на приказните од Илјада и една ноќ, приказната на султанијата Зобеида , омилената сопруга на султанот Шахтијар. Претстава во која преку музиката и танцот се испреплетуваат љубовта, страста, неверството и одмаздата. Во балетот настапија солистите Наташа Трендафилова-Гицев и унгарскиот балетски првенец Балаж Лочеи, а кореографијата е на рускиот кореограф Михаил Крапивин. Претставата уште еднаш ја потврди мисијата на креаторите на овој фестивал – поранешниот министер за култура Благој Стефановски, македонскиот тромбонист од светски глас Кирил Рибарски и македонската, а битолска врвна уметница пијанистка Милица Шперовиќ.

Интерфест ја поврзува Битола со еминентни светски уметници и меѓународната музичка класична сцена. Таков е и концертот на пијанистот и педаго од Италија Бруно Канино. На македонската публика и го понуди својот интегрален проект на пијанистичкото творештво на Клод Дебиси, и тоа Прелудиуму од Втората книга на францускиот композитор. Со понудените композиции на авторите Скарлати, Петраси и Клементи, Бруно Канино на својот концерт понуди музичко пијанистичко патување од барокот до 20 век. Канино во своите 90 години сеуште реализира концертни турнеи, а во Битола доаѓа по првпат. И воодушевен е.

Вчеравечер пак битолската и македонската публика во рамките на фестивалот имаше можност да биде дел од личниот успех на македонскиот познат тромбонист кој истовремено е и основач на Интерфест. 6 децении Кирил Рибарски е на сцена и одржува коцерти низ државата токму на ова 35 -то издание на ИНТЕРФЕСТ го одбележа својот јубилеј – 60 години уметничко дејствување на концертната сцена. Настапи со ансамблот „Макбрас“, состав кој е врзана македонска тромбонска традиција. 6те децении за Рибарски значат почетоци во големите југословенски оркетри и институции, инцијатива и директна вклученост во развојот на високото музичко образование и континуирано едуцирање на генерации млади тромбонисти.

Вечерва пак, Интерфест продолжува со нови две концертни содржини. Дуото Бертолини е италијански дует на татко и син кои својата уметничка кариера ја минуваат со кларинетот. Повозрасниот Бертолини е реномиран италијански уметник , некогашен студент на конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано, а неговиот син е кларинетист во изградба, кој го надополнува бас-кларинетот на својот татко. На програмата се дела од Бах, Моцарт, Мориконе, Рота, Пјацола, Гершвин и Ковач.
Од 21 часот пак е предвиден стартот на програмата „Подиум на млади“, посветен на ученици од Државното музичко училиште во Битола, што е директен показател за една од мисиите на овој фестивал – давање простор на младите музичари да го стекнат концертното искуство.











