Танцовиот перформанс Популус во режија и кореографија на Филип Петковски, беше изведен во Битолскиот театар.
Се работи за перформанс кој има за цел да ги обработи и видоизмени сите оние танци и движења кои се врзуваат со традиционалната култура на заедниците кои го населувале овој простор. Овој перформанс претставува и еден нов вид на танцово изразување, особено кога станува збор за презентирање на традиционалниот танц во државава, поаѓајќи од фактот дека од 1950 година, па сè до ден денес, не постојат нови правци на кореографирање и осовремување на традиционалниот танц кој низ годините бил диктиран од перформативните политики на националните установи. База и инспирација на кореографскиот опус се традиционалните танци на Македонците, Албанците, Турците и Ромите кои се синтезирани во современ и оригинален продукт. Она што е исто така новитет во овој процес е взаемната соработка на танчери кои се занимаваат со традиционален танц, балет, и современ танц, кои за прв пат работат и танцуваат заедно и учат едни од други.

Сèвкупниот перформанс се состои од неколку помали и засебни кореографски постановки и тоа:
Трансфолкмација каде музиката е од “Phaors” од албумот Lado Electro— Борис Харфман и Хрвоје Црниќ, Весна-музика: “Vesna”— DakhaBrakha, Колектив, музика “Pleme” од албумот Lado Electro— Борис Харфман и Хрвоје Црниќ, Танго, музика: “Танго до балчак”—Дуке Бојаџиев, Импров по музика од“Ој овчарче”—Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, И по музика од “Seconds before departure”—Mobile Soul System, Август, музика: “Како ќе ги одвоиме”—Љубојна.

Во перформансот настапуваа танчерите: Теодора Ѓорѓиева, Марија Саздовска, Стефани Маневска, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Дени Синадиновски, Антонио Стојчески, Балаж Лучеи.
Костими се на Антонија Гугинска Јорданоска, Маја Гјуреска и Гордана Божиновска, камера и фотографија: Марко Марјановиќ.












