Амбасадата на Руската Федерација во Македонија денеска во Битола традиционално го одбележа Денот на руската дипломатија.
Со положување свежо цвеќе пред споменикот Руски крст, во Битола почит изразија привремениот вршител на должност амбасадор на Руската федерација во Македонија, Владимир Дјаков, претставници од дипломатско-конзуларните претставништва, пратеници, претставници од локалната самоуправа и од општествено-културниот живот на Битола.

Одбележувањето на Денот на руската дипломатија се одржува секоја година пред споменикот подигнат во чест на рускиот императорски конзул Александар Ростковски.
„Се сеќаваме и на Александар Аркадјевич Ростковски, Рускиот императорски конзул, кој трагично загина на македонската земја. Неговото убиство од страна на фанатичен жандарм во летото 1903 година длабоко го потресе локалното словенско население. Затоа што беше убиен поради неговата помош во ослободување на Македонија. Познат на секој македонец Крсте Мисирков, близок пријател на конзулот, кој што исто така беше учител на неговите деца, тоа судбоносно утро бил на местото на инцидентот и потврдил дека Ростковски бил невооружен. Според оние што го познавале , тој бил човек кој се грижел за локалното население и нивните права. Јасно е дека бил навистина бестрашен човек. Трагичната судбина на рускиот конзул докажува дека дипломатска професија била и ќе остане исклучително тешка во однос на подготвеноста за саможртва“ рече на одбележувањето во Битола“, Владимир Дјаков, привремен вршител на должност амбасадор на Руската федерација во Македонија.

Во спомен на Александар Ростковски и сите загинати дипломатски службеници пред Споменикот Руски крст панихида одржа Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар.

Споменикот „Руски крст“ во Градскиот парк е изграден во спомен на рускиот императорски конзул Ростковски кој бил убиен токму на ова место во 1903 година.

















