ТЕРА

REKLAMA???

ВО ТРНОВО СЕ ОДРЖА 53-ТА СЕМАКЕДОНСКА ИЛИНДЕНСКА СРЕДБА

Традиционално, во потпелистерското село Трново, по повод големиот празник Илинден се одржува 53 Семакедонска Илинденска средба, во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

Присутните гости и организаторите, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

„Во име на културата, традицијата, меѓусебното почитување и зајакнувањето на нашите врски на соработка и разбирање за заеднички напредок и годинава на големиот празник „Илинден“, ја имаме можноста заедно со нашите пријатели и иселеници од сите краеви на светот, заедно да празнуваме на ова прекрасно место, во дворот на македонската црква “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново.

Овие денови Битола живее со колоритот на светот, за што посебно радува големата посетеност на „Илинденски денови“ како дел од Битолското културно лето, посебно посетеноста од нашите сограѓани кои се наоѓаат во странство, а летниот период го користат за посета на својата родна земја. Посакувам добредојде на сите Битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји на Републиката и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и учествуваат на оваа Семакедонска средба.

Верувам дека, со сите наши заложби и ангажмани како локална самоуправа, ќе успееме да ги мотивираме и поттикнеме барем дел од нашите иселеници, повторно да се вратат во Македонија, во Битола, каде заедно ќе продолжиме да инвестираме во подобра иднина и подобри услови за напредок на младите генерации. Светското искуство, секогаш може да даде позитивна насока во идеите, иницијативите и проектите кои се реализираат за поубава Битола.

Се разбира, печалбарството оставило траги во развојот на општината Битола и Република Македонија, но верувајте нема подобро од родниот крај, кој Ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци. Општина Битола ќе ги негува и унапредува културните врски со иселениците од Македонија.

Ја продолжуваме и ќе ја унапредуваме соработката за проекти од заеднички интерес, за доброто на сите Македонци и на сите иселеници од Македонија.

Општина Битола ја продолжува меѓународната и меѓуграничната стопанска и културна соработка со Република Грција и Република Албанија, како важни компоненти на развојот во општината и во Република Македонија.

Ви посакувам добар престој во Битола и во Македонија, Ви посакувам здравје и живот, мир и љубов, среќа и радост, успех и бериќет Вам и на Вашите семејства!

Нека ние е честит големиот празник Илинден“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Пред присутните се обрати и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Семакедонската средба во Трново е средба во која има многу измешани чувства, на оние кои се останати тука, во своите огништа и на оние што заминале и се враќаат во родната гутка да се видат со своите, да се вратат онаму каде припаѓаат и каде секогаш се со срцето. Средба која има многугодишна традиција, која опстојала долги години, но ја има истата цел, да ги обедини сите Македонци за заеднички да го одбележат она што го направиле претходните генерации и за да можеме да ја уживаме слободата, самостојноста, независноста на државата под ова сонце денес“ рече таа.

„Дворот на македонската православна црква “Успение на Пресвета Богородица” во потпелистерското Трново, веќе педесет и три години е култно место, каде Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, од светот и татковината, го слават заедно и големиот христијански празник Свети пророк Илија и Денот на македонската државност – Илинден! Битола, за жал, е голем печалбарски град, но, и покрај се’, и после се’, засекогаш останува копнежот – иселените повторно да се вратат во стари крај, овде да живееме и пак да сме со сите во светот заедно.

И како што Егејот е душата на Македонија, така и ВМРО беше и остана поривот за држава и слобода на Македонскиот народ, на сите Македонци по род и државјанство!

ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија го слушна гласот на народот, Владата и парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја вратат гордоста и достоинството на народот и граѓаните, ќе се избориме против корупцијата и организираниот криминал и од Македонија ќе создадеме пристојно место за живеење, со услови за добар животен стандард и работа за сите!

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Нека Господ Бог ни ја врати верата и љубовта за Македонија. Со сите разлики помеѓу нас Македонците, Македонија е се’ што имаме, неа мора да ја чуваме и надградуваме“ рече во своеото обраќање Горан Исков, потпретседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола.

Денешната средба во Трново беше збогатена и со културно – уметничка програма.

Од 2014 година и обединувањето на 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба во една и единствена Семакедонска средба, општина Битола, продолжува да биде поддржувач на оваа значајна манифестација, како обележје на Битола и нејзините бројни иселеници.