ТЕРА

REKLAMA???

ВРЕМЕТО ВРВИ, ПРОСТОРОТ СТАНУВА ЗАПУСТЕН

Никој не знае кој ги донел, кога ги донел, и, можеби најважно-зошто ги донел!?
Неколку бели вреќи полни со песок или земја еве „легнале“ под една од кружните клупи на Широк Сокак. Можеби некој стравувал од дожд. Можеби требало да послужат како привремена потпора. Можеби требало да бидат тргнати уште утредента, па некој едноставно заборавил на нив. Можеби се на градот. Можеби се на некој граѓанин….
Но, едно е сигурно. Тие се тука.
Тоа го кажува и нивната состојба. Вреќите се извалкани, раскинати, а содржината одамна почнала да се излева врз гранитните полочи. А според тоа како изгледаат, некој во меѓувреме очигледно „проверил“ што има во нив. Ги „проверил“ сите.
Само што по проверката – никој не ги отстранил.
И така, нешто што можеби било привремено решение, станало дел од градскиот амбиент.
На Широк Сокак. На најпрепознатливата битолска улица. На централната променада која со децении е симбол на градот, место каде што се среќаваат битолчани, каде што минуваат туристи и која со својата архитектура, кафеаните и специфичниот дух е еден од најубавите урбани простори во Македонија. Променада којашто ја копираат и други градови.
И сега претпоставената дискусија – Неколку вреќи, па што.
Не е проблемот само во неколкуте вреќи.
Проблемот е во односот кон јавниот простор.
Кружните клупи се овде најмалку 10 години. Арно ама и од нив е видливо дека нема многу грижа.  Строгите критичари би рекле дека се оставени на забот на времето. А тие амбиенталните што беа оштетени, пред две години беа променети со едни „медитерански“ . Да не знае човек што е подобро.
Проблемот е и во тоа што никој не знае кој е надлежен да ги отстрани вреќите, а уште помалку кој треба да забележи дека воопшто постојат.
Значи, некој треба да ја забележи вреќата под клупата, да ја тргне, да го исчисти просторот околу , што ќе рече – да си ја заврши работата.