БИЛТЕНОТ НА СЕКТОРОТ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ОД БИТОЛА ИМА БРОЈНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЗИЧКИ ПРЕСМЕТКИ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ. НАЈНОВИОТ БЕЛЕЖИ МЕЃУСЕБНА ФИЗИЧКА ПРЕСМЕТКА МЕЃУ СОУЧЕНИЧКИ ВО СРЕДНО УЧИЛИШТЕ.
На 6 октомври, 34-годишна битолчанка пријавила во СВР Битола дека нејзината малолетна ќерка била удрена со стаклен предмет од соученичка. Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Засега нема информации што му претходело на инцидентот, ниту дали станува збор за врсничко насилство. Но, случајот повторно го отвора прашањето колку е присутен овој проблем во битолските училишта.
Според локално истражување во кое биле опфатени 609 ученици од основните и средните училишта во Битола, 27 проценти од учениците изјавиле дека биле директни жртви на врсничко насилство.
Најчесто станувало збор за психичко насилство, потоа физичко насилство и насилство преку интернет.
Проблемот не е само битолски.
Според најновите достапни податоци, од почетокот на 2026 година до крајот на мај, во земјава биле регистрирани 93 инциденти на врсничко насилство во 64 училишта. Поднесени се 46 кривични пријави за 52 кривични дела против 92 сторители. Во споредба со истиот период лани, бројот на пријавени случаи е зголемен за 18 проценти.
Национално истражување покажува дека 10 проценти од учениците на возраст од 11 до 15 години биле малтретирани во училиште најмалку два до трипати месечно. И не се работи само за физичко насилство. Ширењето лаги и озборувања, погрдните имиња и намерното исклучување од групата се меѓу најчестите форми.
Низ призмата на билтените на СВР во кои се почести се инфромации за меѓусебни физички пресметки на граѓани, без разлика на која возраст, основното прашање коешто мора да биде поставена е што ги тера да бидат насилни?
Експертите кои ги набљудувале децата, не посочуваат една причина. Влијание имаат семејната средина, односите со родителите и врсниците, притисокот од групата, недостатокот на емпатија, конфликтите, но и начинот на кој училиштето реагира на првите знаци на агресија.
Сепак, секое агресивно дете потекнува од насилна средина. А според анализите и предупредувањата на Народниот правобранител, училиштата и стручните служби не секогаш навреме ги препознаваат знаците на врсничко насилство и дека токму реакцијата на институциите често е причина за незадоволство кај родителите.
Во Битола веќе се реализираат активности за превенција, вклучително и едукација за дигиталното насилство и неговото рано препознавање. Но, бројките покажуваат дека проблемот бара повеќе од повремени кампањи.
Случајот со битолската средношколка допрва треба да биде расчистен.
Но, прашањето што останува е дали институциите реагираат доволно рано, дали забележуваат навреме. Затоа што насилството во училиштето најчесто не започнува со удар. Започнува многу порано.











