ТЕРА

REKLAMA???

Газдите спијат, ама коњите – не

Веќе подолго време група коњи се движат слободно низ Нова Битола. По крајот на работното време, кога веројатно нивните сопственици попладневно преспиваат – тие се будни и го превртуваат секој поставен контејнер. сите знаат чии се, никој не пријавил во општина, затоа што, не веруваат дека нешто ќе се промени.

Коњи слободно се шетаат во Нова Битола во тревнатата површина секој ден. За време на попладневната, не ретко и на пладне овие благородни животни си бараат пасиште. И си го нашле. Од време на време жителите кои се упатуваат кон своите автомобили треба да почекаат коњите да заклучат дека различни им се коњските сили.  Родителите со деца се чувствуваат загрозени за безбедноста на нивните деца, но, засега нема реакција на надлежните, а прошетката на овие благородни животни станало секојдневие.

 

Позначајно е што овие коњи својот последен оброк во попладневните или ночните часови го бараат во контејнерите кадешто претураат по пластичните остатоци, амбалажа со храна. Коњска работа. Стигнуваат до дното на контејнерите, но зграбениот оброк го исфрлаат надвор , па не ретко половина од содржината на контејнерите останува надвор. Не се ретки моментите и кога после оброкот на патот или пристапните патчиња до зградите се наоѓаат фекални остатоци .

Жителите , особено повозрасните се сеќаваат и на едно друго време, кога во градот стапувала на сила забраната за држење коњи, овци и други животни, време на руигорозни парични казни кога се одземале грла добиток, или кокошки, а сопствениците одговарале и за најмала штета на јавна површина.

Денеска, подбивно велат, „наместо ред има демократија“, но како да е ова демократија на хаосот, кадешто сите имаат право да бидат неодговорни – и сопствениците, на кои очигледно коњите им се потребни за со нив да го заработат сбојот леб, но и институциите на градот кои треба да ги идентификуваат проблемите и да го спроведат законот.