ТЕРА

REKLAMA???

ГОДИШЕН КОНЦЕРТ НА БИТОЛСКОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ

Во Центарот за култура се одржа традиционалниот годишен концерт на музичкото училиште од Битола. На традиционалниот годишен концерт учествуваат ученици од основно и средно музичко училиште.

Државно музичко училиште – Битола е формирано во почетокот на 1947 година со решение на Министерството за народна просвета на Народна Република на Македонија и спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија. Во почетокот беа формирани паралелки за основно музичко образование а во 1962 година се формирани и пaраралелки за средно музичко образование. Голем број на завршени ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот и Р.Македонија.

Многу некогашни ученици, денес се дел Македонска Опера и Балет, Македонска филхармонија, СОКОМ, наставници во основните и средните училишта, професори на ФМУ во Скопје и Штип. Некои ученици станаа познати естрадни уметници во државата и надвор од неа, а некои се на пат да станат големи уметнички ѕвезди. Сите тие се гордост на училиштето.

Како институција со високи професионални квалитети, активно е вклучена во културното живеење на градот и регионот, организирајќи концерти по повод отворање на изложби, литературни презентации, соработка со други здруженија, институции, како и со фестивалот на класична музика „Интерфест – Битола“; „Шопенова Вечер“; Фестивал на млади пијанисти организиран од ЕПТА и мн.др.

Во 2014 год. училиштето потпиша меморандум за соработка со Музичкото училиште „Мимар Синан“ од Истанбул, Р.Турција. Голем е бројот на признанија што ги имаат освоено до денес учениците во Македонија, низ градовите во Европа и пошироко, а секако значајно e да се спомене и доделувањето на наградата на град Битола “4 Ноември”.

Во својот 75 годишен развој оваа институција бележи постојан подем по однос на видот и бројот на образовни профили и растот на бројот на учениците.

После концертот беа организирани семинари под водство на видни музички имиња, гостинката Катарина Крпан од Хрватска и нашите македонски музичари, Стојан Димов, Владимир Костов и Викторија Коларовска Гмирја.

Годишниот концерт заврши со настапот на училишниот хор под раководство на проф. Лилјана Трајковска Димевски.

Оваа година Државното музичко училиште слави 75 годишен јубилеј од своето постоење, 75 години богата историја преточена низ звуците на музиката.